Психологија

Можат ли коликите кај бебето да предвидат проблеми со менталното здравје понатаму

На сите ни е јасно дека бебињата плачат. Но, некои бебиња плачат повеќе од другите и им треба подолго време да се смират. Приближно 20 проценти од доенчињата ги исполнуваат критериумите за колики, често дефинирани според „правилото на три“, што значи бебе кое плаче најмалку три часа дневно, најмалку три дена во неделата, најмалку три недели по ред.

Прекумерното плачење на доенчињата е вознемирувачко за родителите, но грчевите кои не се резултат на посериозна медицинска причина се сметаат за бенигна и краткотрајна појава, која обично почнува да се подобрува околу шестмесечна возраст. Нејзината специфична причина останува непозната, а повеќето претпоставки и третмани се фокусираат на нарушувања на незрелиот гастроинтестинален систем на бебето.

Кога родителите ги носат доенчињата кај лекар од примарната здравствена заштита поради загриженост заради колики, често пати лекарот ги уверува дека не е ништо сериозно и дека прекумерноте плачење не претставува ништо значајно за менталното здравје. Меѓутоа, истражувањата почнуваат да го оспоруваат второто тврдење.

Неодамна во списанието на Американската академија за детска и адолесцентна психијатрија, беше објавена статија користејќи податоци од ригорозната холандска студија која следела речиси 5.000 деца од пред нивното раѓањето до адолесценцијата. Кога доенчињата наполниле три месеци, родителите биле прашани дали нивните бебиња плачат најмалку три часа дневно (слично на поофицијалните критериуми за колики), а 11 проценти од мајките го потврдиле ова. Децата потоа биле оценувани повеќе пати во детството и адолесценцијата во врска со нивоата на емоционално-бихејвиорални проблеми користејќи стандардизирани скали за оценување.

Главното откритие на студијата е дека прекумерното плачење во бебешката возраст значително предвидува повисоки нивоа на емоционално-бихејвиорални проблеми во детството и, во помал степен, во адолесценцијата. Наодот се однесува на двата главни типа на потешкотии во однесувањето, вклучително и интернализирање на проблемите (како расположение и анксиозност) и екстернализирање на проблемите (како агресија и кршење на правилата).

На околу 10-годишна возраст, на испитаниците им направиле магнетна резонанца. Откриено е дека оние кои претерано плачеле како доенчиња имаат помала амигдала (дел од мозокот за кој се знае дека е важен во процесирањето на емоциите и регулирањето на стресот).

Повеќето доенчиња кои многу плачеле пораснале во типично развиени деца без поголеми проблеми со менталното здравје. Сепак, авторите на студијата, врз основа на нивните податоци и други слични истражувања, напишале дека високите нивоа на плачење и раздразливост во раната доенечка возраст не треба да се отфрлаат и да се сметаат за неважни и минливи, бидејќи можно е да одразуваат ранливост кон предизвици поврзани со металното здравје.

Како ова може да се рефлектира не било директно тестирано во студијата. Можно е, на пример, за некои доенчиња, коликите да се маркер за пораздразлив или нерегулиран темперамент кој може да се задржи со текот на времето. Можно е и оваа рана нервоза да поттикне повеќе трансакциски процеси во кои раздразливоста на доенчињата доведува до фрустрација и гнев кај родителите, што потоа влијае на односот родител-дете. Исто така, не е јасно дали овие документирани промени на мозокот се во основата на врската помеѓу прекумерното плачење и подоцнежните проблеми со однесувањето или се посебни процеси.

Иако е важно да не се толкуваат со претерување овие податоци, оваа студија сугерира дека за некои доенчиња грчевите во стомакот се повеќе од „гасови“ и може да укажуваат на ранливост во невролошкиот развој, што може да доведе до понатамошни проблеми. Дополнително следење, родителска поддршка и градење вештини за емоционално регулирање може да помогнат овие првични разлики да не се прошират на поголеми проблеми во иднина.

Слични написи

Забораваме еден голем виновник за епидемијата на депресија кај тинејџерите

dart

Младите девојчиња се под стрес заради притисоците што ги наметнува современото општество

Biba

10 сензорни стратегии за поддршка на учењето на далечина за вашиот тинејџер

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.