Психологија

Дали сте зависни од вашиот мобилен телефон?

Постојано го проверувате телефонот со надеж дека стигнала нова „доза на среќа и задоволство“? Колку пати во текот на еден час го проверувате својот смартфон, без притоа тој да се огласи со никаков звук или известување? Чувствувате ли едноставно потреба да погледнете што има ново или полусвесно ги отворате шарените иконки на телефонот и проверувате календар, е-пошта, рефреширате социјални мрежи, без да имате некаква реална потреба за тоа?

Со телефонот легнувате навечер, со него се будите наутро?

Ако на повеќето од прашањата одговоривте позитивно, големи се шансите дека сте станале зависни од вашето мало технолошко чудо. Иако не го намалува вашиот личен проблем, изгледа дека не сте единствени. Зависноста од смартфонот е раширена низ целиот свет. Истражување на Универзитетот Харвард спроведено на примерок од 1600 менаџери и бизнисмени, покажува дека 70 % од луѓето го проверуваат мобилниот телефон веднаш штом станат наутро, а 56 % го проверуваат еден час пред легнување навечер. Речиси половина од испитаниците го проверуваат својот телефон и за време на викендот, и покрај тоа што тогаш не работат, 51 % го проверуваат и додека се на годишен одмор, а 41 % изјавиле дека би биле многу вознемирени кога би го изгубиле смартфонот и не би можеле да го заменат во рок од една седмица.

Овие податоци можеби не звучат така страшно, но афектираат огромен дел од популацијата.

Смартфонот има моќ да ви го промени расположението

Зашто доаѓа до зависност? Од порано е познато дека одредени форми на користење на компјутерот и на интернетот можат да предизвикаат зависност, потполно исто како што предизвикува зависност и пушењето, претераното користење алкохол, дрогирањето и слично. Компјутерската технологија предизвикува зависност затоа што е психоактивна – може да ви го менува расположението, односно, може да ви го поправи расположението. Сега сигурно се прашувате што има тука лошо? Истото тоа што важи и за секоја друга зависност – не е ниту природно, ниту здраво.

Како се станува зависник?

Никогаш не знаете кога ќе добиете забавна е-пошта, порака на социјална мрежа или реакција на објавен статус/слика, или пак кога ќе постигнете нов рекорд во некоја игричка, па затоа постојано го проверувате телефонот во надеж дека секоја минута може да пристигне нова „доза на среќа и задоволство“.

Смартфонот ги има речиси истите карактеристики на компјутерот кој ви овозможува пристап до сите информации во секое време, само е многу помал и заради тоа е попрактичен за користење. Заради неговата практичност го носите секогаш со себе, бидејќи со него никогаш не е досадно, без оглед дали чекате ред во банка, на лекар, се возите во автобус или едноставно се одморате дома на кауч.

Меѓутоа, што се случува кога вашата „љубовна врска“ со телефонот го попречува деловниот и приватниот живот, ја уништува концентрацијата и кога наместо да се дружите со пријателите во живо, повеќе уживате да се дружите виртуелно?

Научниците во ова гледаат голем проблем, дисфункција и еден вид на зависност.

Секогаш е со нас

Научниците предупредуваат на сè поголемиот проблем со менталното здравје на корисниците на смартфони. Имено, смартфонот претставува дури и поголема опасност од компјутерот заради своите димензии, лесното користење, бесплатните или евтини апликации, можноста за постојана поврзаност со интернет… Сето ова ја надминува практичноста на компјутерот. Луѓето се со своите телефони од моментот кога ќе се разбудат, до моментот кога одат на спиење. Поради својот дизајн, смартфонот е повеќе од интересен „геџет“ кој го краде вниманието, а некои истражувања за компјутерската технологија покажуваат и дека го попречува длабокото и концентрирано размислување.

Освен тоа, денешниот проток на информации е толку брз, што ако некој сака да биде во тек, мора често „да виси“ на својот смартфон, за да не пропушти некоја важна вест. Некои луѓе едноставно не можат да поднесат да не бидат во тек.

Како да се контролирате?

  • Бидете свесни за ситуацијата и за емоциите кога сакате без причина да го проверите вашиот мобилен уред. Дали се работи за досада, нервоза, осаменост, тегоба? Размислете што друго би ви помогнало во тој момент, освен телефонот.
  • Бидете силни кога ќе заѕвони вашиот мобилен телефон. Не мора баш секогаш да се јавите. Може да ја избегнете напаста со исклучување на сигналите за промена во статусот, за добиените пораки и е-пошта и слично.
  • Бидете дисциплинирани и не го користете телефонот во одредени ситуации. На пример, додека возите, кога сте во друштво или сте со вашите деца, на состанок, од 20 часот навечер до 7 наутро…

Ќе се изненадите кога по некое време ќе заклучите дека не ви недостасува и дека ништо важно не сте пропуштиле. Освен тоа, ќе имате и чувство на контрола над ситуацијата.

Слични написи

Синдром на прегореност (burn out): како да го препознаете

Biba

Сексуален развој кај децата: што е нормално, а што не е?

Biba

Семејниот ручек има повеќе предности за вашето семејство

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.