Психологија

Лутината е поштетна за здравјето на постарите луѓе отколку тагата

 

Губењето на брачниот партнер постарите луѓе можат особено тешко да го доживеат, но една нова студија покажува дека емоција која преовладува во тие моменти е лутината, а не тагата, што може да доведе до побрзо стареење на телото.

Лутината може да ги зголеми воспаленијата кои се поврзани со состојби како ракот, болести на срцето и артритис, велат истражувачите.

“Како што стареат, луѓето повеќе не можат да се занимаваат со активностите кои некогаш ги правеле, а губењето на брачниот другар или падот на физичката подвижност се само некои од причините за лутина. Нашата студија покажа дека гневот може да доведе до развој на хронични болести, додека пак тагата – не”, објаснува авторката на истражувањето Меган Барлоу, од Универзитетот Конкордија во Монтреал, Канада.

Во студијата учествувале 226 испитаници на возраст од 59 до 93 години, поделени во две групи: едната ја сочинувале лица на возраст од 59 до 79 години, а другата – лица на 80 години и постари. Сите учесници пополниле прашалник за тоа колку често се лути или тажни. Тие, исто така, биле прашани и дали имаат некоја хронична болест и земена им е крв за да се утврди дали во нивниот организам постојат воспалителни процеси.

Според коавторот на студијата и професор по психологија, исто така од Универзитетот Конкордија Карстен Врош, резултатите покажале дека секојдневното лутење е поврзано со повисоки нивоа на воспаленија и хронични болести за луѓето постари од 80 години, но не и кај помладата група. Од друга страна, пак, тагата не е поврзана со воспаленија и хронични болести.

Барлоу сугерира дека тагата може да им помогне на постарите лица да се прилагодат на животните предизвици како што се физичките и когнитивните губитоци, бидејќи им помага да се одвојат од активностите за кои до тогаш биле емотивно врзани и ги практикувале. Но, таа додава и дека негативните емоции, како што е бесот, не се секогаш лоши и дека можат да бидат корисни во некои околности.

“Лутината е емоција која дава енергија и може да ги мотивира луѓето да ги следат животните цели. Помладите стари лица можат да ја искористат таа лутина како гориво за надминување на животните предизвици и губитоци кои ги носи староста”, вели Барлоу.

Според истражувачите, едукацијата и психотерапијата можат да им помогнат на постарите луѓе да ја држат лутината под контрола со регулирање на емоциите или да им понудат стратегии за справување со физичките и менталните промени кои се неизбежни со стареењето.

“Ако подобро разбереме кои негативни емоции се штетни, кои не се, а кои се дури и корисни за постарите луѓе, може да ги научиме како да се справат со нив на здрав начин. Ова може на многу луѓе да им помогне да престанат да се лутат”, вели Барлоу.

 

Слични написи

Психологија на привлечност: Како избираме емотивни партнери

dart

Семејниот ручек има повеќе предности за вашето семејство

Biba

Пасивното пушење влијае на психичкото здравје

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.