Психологија

Начинот на којшто реагирате на стрес може да го предвиди здравјето на мозокот

 

Најново истражување утврдило дека дури и безначајните дневни стресори како што е заглавување во сообраќаен метеж или предолго чекање ред во супермаркет, може да влијае на тоа колку ќе остане здрав мозокот, особено во подоцнежните години.

Пролонгираниот хроничен стрес може да предизвика широк спектар на штетни здравствени последици, од дијабетес, срцеви болести и сексуална дисфункција, до состојби поврзани со менталното здравје како депресија, синдром на прегореност (burn out), посттрауматско стресно растројство, па дури и шизофренија. Скорешни студии за ефектот којшто стресот го има на мозкокот, сугерираат дека хормонот на стрес – кортизол –  може да ја намали и меморијата.

Но, како малите секојдневни стресови можат да влијаат на мозокот којшто старее?

Најновото истражување под водство на Роберт Ставски од Факултетот за јавно здравје и хумани науки на Државниот универзитет во Орегон, наведува дека на мозкот не влијаат толку штетно самите стресни настани, колку што тоа го прави нашата реакција на нив.

Тимот на Ставски конкретно истражувал како реакцијата на секојдневните стресори на повозрасни луѓе – како што е сообраќајниот метеж – влијае на когнитивното здравје. Резултатите се објавени во Psychosomatic Medicine, списание на Американското друштво за психосоматика.

Истражување на стресот и когнитивното здравје

Ставски и неговиот тим 2,5 години испитувале 111 луѓе на возраст од 65 до 95 години. За време на истражувачкиот период, научниците правеле проценки на когнитивното здравје на испитаниците користејќи стандардизирани мерки за процена на секои шест месеци. Некои од мерките вклучувале барање испитаниците да погледнат два сета броеви и потоа да кажат дали истите броеви се повторуват во друг сет со различен редослед. Претходни студии сугерираат дека успехот на овие тестови е индикатор за таканаречената недоследност во времето за одговор, што е знак за оштетено когнитивно процесирање и лошо здравје на мозокот.

За време на периодот од 2,5 години, учесниците во истражувањето ги направиле тестовите 30 пати. Од нив, исто така, било барано на истражувачите да им раскажат за стресните настани кои ги доживеале на денот на тестирање и за стресори кои ги доживеале членови на нивните семејства и блиски пријатели.

Испитаниците ги оценувале своите чувства за време на стресен момент котистејќи скала за позитивни и негативни чувства, како и скала за интензитет. На крај, тие пополниле и листа за физички симптоми.

Реакцијата на стрес влијае на здравјето на мозокот

Студијата открила дека луѓето чиј одговор на стрес вклучува повеќе негативни емоции со поголем интензитет и поголема недоследност во времето за одговор, укажуваат на послаб ментален фокус и полошо здравје на мозокот.

Истражувачите, исто така, откриле и значајни разлики во возраста. На пример, најмногу биле афектирани испитаниците кои биле во доцните седумдесетти па сè до доцните деведесетти години. Односно, нивната интензивна реакција на стрес била силно поврзана со полошо когнитивнo функционирање.

Меѓутоа, за испитаниците на возраст во доцните шеесетти години до средните седумдесетти, стресот влијаел позитивно на нивното когнитивно здравје.

“Овие релативно помлади испитаници можеби имаат поактивен животен стил, повеќе социјални и професионални ангажмани, кои може да го изостриле нивното ментално функционирање”, претпоставува Ставски.

Водечкиот истражувач на студијата додава дека старите во повозрасни години треба повеќе внимание да обрнат на нивниот емоционален одговор на дневните стресни настани и да се обидат да го намалат стресот тогаш кога е тоа возможно, за да го зачуваат менталното здравје во подлабоката старост.

“Не можеме целосно да се ослободиме од секојдневниот стрес”, вели Ставски, “но, ако ги научиме луѓето на вештини кои го ублажуваат стресот, нивното когнитивно здравје може да има голем бенефит”.

“Овие резултати потврдуваат дека секојдневните емоции на луѓето и нивната реакција на стресни настани имаат важна улога во когнитивното здравје. Самиот стрес не е тој што придонесува за ментално пропаѓање, туку начинот на којшто личноста реагира на стресот е она што влијае на мозокот”, вели Ставски.

“Со оглед на тоа дека популацијата на возраст од 80 години и нагоре е најбрзо растечка возрасна група на светот, овие резултати се и тоа како релевантни”, додава тој. Во овој контекст, здравјето на мозокот и на когницијата се особено важни, затоа што распространетоста на Алцхајмеровата болест и други форми на деменција глобално се во пораст, заедно со стареењето на популацијата.

 

Слични написи

Забавен психолошки тест кој ги открива вашите силни и слаби страни

Biba

Дали навистина другите луѓе имаат побогат социјален живот?

Biba

Грицкањето нокти не е само грда навика

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.