Здравје

Препораки од нутриционистите за време на топлите летни денови

Секоја сезона со себе носи свои особености и бара специфичен начин на исхрана поради специфичните потреби на организмот, како резултат на надворешните фактори. Бидејќи жешките летни денови одамна пристигнаа, многу е важно исхраната да ја прилагодите на моменталните услови, за вашето тело да може што полесно да ги толерира високите летни температури.

Покачените летни температури кои резултираат со зголемена телесна температура и потење, може да доведат до прекумерно губење на телесните течности, односно до дехидратација на телото. Симптоми на дехидратација се главоболка, сува кожа, сува уста и јазик со густа плунка, забрзано чукање на срцето, грчеви во нозете и рацете, гадење и повраќање.

Особено чувствителни на дехидратација се децата, постарите лица и лицата со ослабен имунитет. Затоа, во лето, пред сè, многу е важно да се грижите за правилна и доволна хидратација на организмот.

Водата е најдобриот пијалок за рехидратација без дополнителни калории. Во текот на летните месеци обидете се да пиете минимум 8-10 чаши вода дневно, што секако ќе ги прилагодите на нивото на физичка активност, бидејќи дополнителната физичка активност ја зголемува потребата за вода која се губи со потење.

Покрај вода, зголемената потреба за течност во летниот период може да се компензира со секојдневно внесување на сезонско овошје и зеленчук богати со вода (лубеници, јагоди, дињи, праски, домати, краставици, пиперки, зелена салата…) и цедени незасладени овошни сокови, ароматизирани води, изотонични напитоци, особено ако се занимавате со енергична физичка активност, потоа ферментирани млечни производи со мала содржина на маснотии, но и супи и чорби од зеленчук, кои исто така ќе ги компензираат електролитите изгубени со потење.

Покрај доволната хидратација на организмот, во летниот период треба да внимаваме и исхраната да се базира на лесно сварлива храна богата со растителни влакна. Особено во лето, телото природно бара храна со помала количина на масти, но богата со влакна, витамини, минерали и вода.

Затоа, потрудете се да вклучите што повеќе сезонско овошје и зеленчук во вашата летна исхрана, кои ги има во изобилство во овој дел од годината. Се препорачува да се јадат неколку лесни оброци дневно (три главни оброци и две ужинки), со цел да се забрза метаболизмот, да се стимулира варењето без чувство на тежина, со што се зголемува енергијата и виталноста.

Направете вашите оброци да изгледаат што е можно пошарено, подгответе лесни салати од зеленчук како прилог, но и како главно јадење со додавање на цели зрна, мешунки, посно месо, живина или риба.

За ужина подгответе разновидни овошни салати од овошје од сите бои, за да се снабдите со витамини, минерали и доволно количество антиоксиданти, кои особено ни се потребни во лето во борбата против слободните радикали, создадени како резултат на изложеност на штетното сончево зрачење.

Бидете креативни, понудете им на децата поздрава алтернатива на класичните слатки од продавница, за ужина направете домашен сладолед или јогурт од бобинки со малку маснотии или енергетски плочки од житарки во комбинација од бобинки, сушено овошје и јаткасти плодови.

 

Избегнувајте масна и преработена храна

Секогаш, но особено во лето, треба да избегнувате големи оброци, пржена, масна и тешко сварлива храна, пресолена и презачинета храна, сушено месо и индустриски преработена храна, засладени сокови, но и прекумерни количини на алкохол и напитоци богати со кофеин, поради ризикот од дехидратација на телото.

Масната и тешко сварлива храна го оптоварува варењето, предизвикува зголемено потење и може да доведе до дехидратација, а на крајот и до таложење на вишок масно ткиво, кое никому не му е потребно во топлите летни денови.

Доколку летото го дочекате со вишок килограми, нема потреба да се грижите – оваа сезона е идеална за „топење“ килограми бидејќи нуди бројни активности на отворено како трчање, возење ролери, возење велосипед, пливање, пешачење, работа во градината и многу други активности, кои заедно со хранливата и лесна летна исхрана ќе ви помогне побрзо и полесно да се ослободите од вишокот килограми, но и да го подобрите имунитетот и општата здравствена состојба.

Слични написи

Гушкањето има лековито дејство

admin

Колку се штетни газираните сокови

Biba

Како да го подготвите телото за бременост

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.