Здравје

Како да го подготвите телото за бременост

Да се зачне бебе понекогаш не е толку лесно како што се чини. Иако самиот чин на “правење” на бебето е пријатен, планот често пати не тече онака како што сте замислиле. Додека некои парови забременуваат без никакви подготовки и обиди, на сè поголем број парови им е потребно подолго време за да постигнат бременост. Тоа што не сте забремениле за неколку месеци не значи веднаш дека имате некакви репродуктивни проблеми, туку можеби телото ви кажува дека му е потребна подобра подготовка за да ги издржи напорните девет месеци колку што трае бременоста. Со усвојување на нови здрави навики, ослободување од стресот и здрава исхрана, сигурно полесно ќе забремените и ќе го подготвите телото за новите предизвици во следните девет месеци.

Посетете ги гинекологот и стоматологот

Стресот на работното место или дома може да ѝ попречи на вашата плодност. Ако сте постојано изложени на нездрава средина, на пример на хемикалии или работите на место на кое сте изложен на одредено зрачење, би било добро да се распрашате до која мера тие влијаат на вашето здравје и на здравјето на вашето идно бебе. Стресот дефинитивно може да влијае на зачнувањето.

Ако планирате бременост, задолжително посетете го гинекологот. Замолете го, освен редовните прегледи, ПАП тест и ултразвук, да ве упати на лабораториски прегледи  за да се откријат евентуални сексуално преносливи болести или потенцијално опасни бактерии кои можат да бидат причинители на многу болести и спонтани абортуси. Таквите болести и бактерии треба да се излечат пред бременоста. Ако имате шеќерна болест, мултиплекс склероза или некоја тешка хронична болест, гинекологот ќе ви даде посебни насоки за време на бременоста.

Исто така, да не заборавите да го посетите и стоматологот. Нека ви ги прегледа забите и ако имате расипани заби нека ви ги поправи, бидејќи за време на бременоста може да се случи засилено создавање на кариес и воспаленија на непцето. Ако имате сериозни проблеми со забите и со непцето, добро е да ги санирате пред да забремените.

Телесна тежина и витамини

Преголемата телесна тежина можеби нема да ви попречи да забремените, но ќе ви биде проблем за време на бременоста кога ќе почнете да добивате дополнителна килажа која доаѓа со самата бременост. Консултирајте се со нутриционист и обидете се да ослабите пред бременоста. Ако сте бремени, никако немојте да држите диета.

Најважно е пред бременоста да се храните здраво, со многу свежо овошје и зеленчук, за вашето тело да биде здраво и полно со потребните нутриенти. Секој ден консумирајте свежо овошје и зеленчук, житарки, тестенини, риба, млеко, јогурт и храна што содржи калциум.

Пробајте да намалите со слатката, пресолената и премасната храна. Многу е важно пред бременоста да не сте анемични, бидејќи анемијата може да ви зададе многу проблеми за време на бременоста. Јадете храна која е богата со железо, како што е темното месо. Почнете со пиење на фолна киселина (витамин Б9). Тоа е единствениот витамин кој се препорачува пред бременоста, затоа што му е потребен на телото за да произведува црвени крвни зрнца и го намалува ризикот од телесни деформации на плодот кои најчесто се случуваат во првите недели од бременоста.

Лекови, заразни болести, пушење и кофеин

Ако до сега не сте прележале рубеола или не сте вакцинирани против неа, направете го тоа пред бременоста. Ако се разболите од рубеола за време на бременоста, шансите за спонтан абортус се големи.

Престанете со пушењето или барем намалете го бројот на цигари пред да забремените. Пушењето влијае на овулацијата кај жените и на бројот на сперматозоиди кај мажите.

Според едни истражувања кофеинот може да ја намали плодноста, а според други нема влијание. Стручњаците тврдат дека две чаши јако кафе (околу 300 мг кофеин) дневно, можат негативно да се одразат на плодноста.

Ако земате некакви лекови пред планираната бременост, задолжително консултирајте се со вашиот лекар или со гинекологот. Некои лекови можат да влијаат на вашата плодност, но исто така можат да влијаат и врз развојот на фетусот.

Кој е сигурниот рецепт?

Според истражувања спроведени во САД, осум од десет парови кои имаат сексуални односи на секои три дена, ќе забременат во рок од една година. Токму одржувањето на редовни односи, секој втор или трет ден, е најдобриот начин да забремените. Ако се обидувате да забремените со следење на овулацијата, мерење на базалната температура и слично, тоа може да предизвика стресна состојба, па од зачнувањето да не се случи ништо.

На паровите обично им се советува да почекаат една година пред да побараат лекарска помош. Еден од најлесните начини да ги одредите плодните денови е да запишувате кога имате циклус. Тоа ќе ви помогне без дополнителен стрес да поттикнете активности кои ќе резултираат со посакуваното бебе.

 

Слични написи

Климатските промени ја продолжуваат сезоната на алергии и ја зголемуваат концентрацијата на полен

dart

Најопасната естетска операција

dart

Насмевката на лицето е најважна за здрав и долг живот

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.