Забава

Безалкохолното пиво станува сè повеќе популарно

Сè повеќе Германци се одлучуваат за безалкохолно пиво. Тоа е многу профитабилен бизнис за пиварниците. Кои се причините за овие промени на пазарот на пијалоци?

Производството на безалкохолно пиво е речиси двојно зголемено од 2007 година. Минатата година беа произведени 670 милиони литри. Истражувањето спроведено минатата година од Институтот Аленсбах покажа дека речиси десет милиони луѓе во Германија неодамна купиле или пиеле безалкохолно пиво.

Според податоците на Здружението на германски производители на пиво, ниту еден друг сегмент во пиварската индустрија не пораснал толку силно во последните десет години како безалкохолните пива и безалкохолните мешавини со пиво.

„Германија сега е светски лидер во производството на безалкохолни пива, поради што тие стануваат сè поважни за 1.500-те германски пивари“, вели Холгер Ајхеле, директор на Здружението на германски пивари. Во моментов нивното учество во вкупниот пазар на пиво е седум отсто.

Сè повеќе различни видови пиво

Една од пиварниците која конкретно се сврте кон овој вид на пијалок е Stortebeker Braumanufaktur од Штралзунд. Јенс Рајнеке-Лаутенбахер, тамошниот менаџер за иновации, си постави за цел да понуди особено голем избор на сорти.

„Опсегот на сорти значително се зголеми во последниве години, почнувајќи од безалкохолното Пилснер како почетна точка, преку безалкохолното пченично пиво како пијалок за спортистите, па сè до специјалните безалкохолни видови како што е Atlantik Ale, што е нашиот одговор на зголемениот број посебни пива“, истакна тој.

Ова стана возможно, бидејќи сега има пазар за тоа. Во германскиот град Штралзунд секој четврти или петти литар пиво веќе е без алкохол.

Минхенскиот Paulaner нуди пиво без алкохол веќе 37 години, истакна директорот на пиварницата Јорг Леман. Според него, презадоволни се од развојот. Една од причините за зголемената побарувачка на безалкохолни пива е крајот на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.

„Луѓето повторно се движат. Ова значи дека тие сè повеќе се одлучуваат за пиво без алкохол кога користат автомобил или велосипед. Генерално, ние продолжуваме да растеме многу добро во тој сегмент“, рече Леман.

Посебно се бара – 0,0 проценти алкохол

Особено се барани пива со 0,0 отсто алкохол. Пивара Bitburger е лидер на пазарот во тој сегмент. Денес нуди пет видови вакви пива и мешани пијалоци со пиво.

„Важноста на безалкохолните пијалоци за нашата продажба и промет континуирано расте и затоа Bitburger со 0,0 отсто е основен дел од нашата понуда веќе неколку години“, изјави маркетинг директорот на компанијата, Кристоф Вебер.

Во Paulaner забележуваат разлики во тоа кој какво безалкохолно пиво избира. „Оние кои пијат пиво со 0,0 отсто алкохол свесно го избираат тој пијалок без никаков алкохол за да го промовираат својот активен животен стил. Најчесто тоа се оние консументи на безалкохолни пијалоци кои бараат алтернативно средство за гасење на жедта. Но, има и љубители на класичните безалкохолни пива кои бараат да имаат вкус сличен на пивото со алкохол“, истакна Леман.

Новите технологии го подобруваат вкусот

Одамна помина времето кога безалкохолните пива најмногу ги пиеја возачите, соопшти Здружението на германски пивари. Новите производствени технологии значително го подобрија и вкусот и квалитетот. Променетите навики за консумирање и начин на живот на луѓето, како и зголемената здравствена свест, се исто така причини за зголемената популарност на безалкохолните пива.

„Безалкохолните пива се пијат во различни прилики и одамна ја надминаа својата продажна рамка. Многу од нив се и минерални и изотонични, па телото лесно може да ги преработи и да ги искористи состојките, што е предност што особено ја ценат спортистите“, рече Холгер Ајкеле.

Истражувањето нарачано од Здружението на пивари во 2021 година покажа дека потрошувачите особено го ценат добриот вкус, ниските калории и употребата само на природни суровини во производството на безалкохолни пива.

Младите сакаат безалкохолно пиво

Јенс Рајнеке-Лаутенбахер изјави дека не може да наведе конкретна целна група. „Сепак, генерално, за ваквите производи особено се отворени младите луѓе, како и оние кои се заинтересирани за здрав начин на живот“, додава тој.

Маркетинг директорот на пиварницата Krombacher, Ларс Дамерц, изјави дека безалкохолното пиво, без разлика на генерацијата, е симбол на опуштено уживање и одлично се вклопува со промената на свеста на потрошувачите кон здрав начин на живот.

Сега сè повеќе регионални сорти, како што се Kölsch или Alt, имаат своја безалкохолна варијанта. Може да се очекува дека наскоро секое десетто пиво произведено во Германија ќе биде без алкохол.

Слични написи

Нов кулинарски тренд во светот

Biba

40 проценти од луѓето имаат измислени први сеќавања

admin

Програма во МКЦ по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.