Здравје

Андропауза – машка верзија на менопаузата

Хормонските промени се природен дел од стареењето. За разлика од подраматичното намалување на репродуктивните хормони што се јавува кај жените за време на менопаузата, овој процес кај мажите се случува постепено.

Постои ли машка менопауза?

Терминот „машка менопауза“ се користи за да се опише намалувањето на нивото на тестостерон поврзано со стареењето. Но, хормонските промени поврзани со стареењето кај жените и мажите се различни. Кај жените овулацијата завршува и производството на хормони опаѓа за релативно краток временски период. Ова е познато како менопауза. Кај мажите производството на тестостерон и други хормони се намалува во текот на повеќе години и последиците не се секогаш очигледни. Овој постепен пад на нивото на тестостерон се нарекува доцен почеток на хипогонадизам или низок тестостерон поврзан со возраста (или стареењето).

Како да препознаете дека имате ниско ниво на тестостерон?

Нивото на тестостерон кај мажите опаѓа во просек за околу 1% годишно по 40-тата година. Но, повеќето постари мажи сè уште имаат нивоа на тестостерон во нормални граници, при што само кај околу 10% до 25% од мажите се смета дека имаат ниски нивоа.

Ниското ниво на тестостерон кај постарите мажи често останува незабележано. Тоа може да се провери со правење крвни анализи, но овие тестовите не се прават рутински. Многу мажи кои имаат ниско ниво на тестостерон не доживуваат никакви симптоми. Покрај тоа, знаците и симптомите поврзани со низок тестостерон не се специфични само за низок тестостерон. Тие можат да бидат предизвикани и од возраста, употребата на лекови или други состојби, како што е индекс на телесна маса 30 и повисок.

Знаците и симптомите кои укажуваат на низок тестостерон вклучуваат:

  • Намалена сексуална желба и активност
  • Намалена спонтана ерекција или еректилна дисфункција
  • Непријатност или оток во градите
  • Неплодност
  • Намалување на висината и ниско ниво на минерална густина на коските
  • Топлотни бранови или засилено потење

Други можни симптоми вклучуваат: намалена енергија, мотивација и самодоверба, депресивно расположение и слаба концентрација. Исто така, можно е да се доживее зголемена поспаност, нарушувања на спиењето, блага необјаснета анемија, намален мускулен волумен и сила и зголемување на телесните масти.

Експертите препорачуваат да се тестираат само постари мажи, доколку имаат некакви симптоми. Ако првичниот тест покажува низок тестостерон, тестот треба да се повтори за да се потврдат резултатите. Доколку се потврди резултатот, се препорачува дополнително тестирање на хипофизата за да се утврди причината и да се исклучат други хормонски недостатоци.

Хипофизата е жлезда со големина на зрно грав сместена во основата на мозокот, до хипоталамусот. Таа е дел од ендокриниот систем на телото, кој се состои од сите жлезди кои ги произведуваат и регулираат хормоните.

Препораки за третман на постари мажи кои имаат низок тестостерон

Препораките за терапија кај овие лица варираат. Во 2020 година, Американскиот колеџ за лекари препорача лекарите да размислат за започнување на третман со тестостерон кај мажи со сексуална дисфункција, кои сакаат да ја подобрат сексуалната функција, откако ќе им се објаснат ризиците и придобивките.

Други експерти препорачуваат да се понуди третман и без присуство на знаци или симптоми. Кај некои мажи терапијата со тестостерон ги ублажува симптомите, додека пак, кај други придобивките не се јасни и постојат можни ризици.

Иако се потребни дополнителни истражувања, терапијата со тестостерон може да го стимулира растот на метастатски рак на простата и дојка. Тестостеронската терапија, исто така, може да го зголеми ризикот од срцев удар и мозочен удар и да придонесе за згрутчување на крвта.

Лекарот најверојатно нема да препорача терапија со тестостерон ако во блиска иднина планирате потомство или ако имате состојби како што се рак на дојка или простата, нелекувана тешка опструктивна ноќна апнеја, неконтролирана срцева слабост или тромбофилија, ако неодамна сте имале срцев или мозочен удар.

Ако мислите дека можеби имате низок тестостерон разговарајте со вашиот лекар за вашите симптоми, за тестирање и можни опции за третман. Лекарот може да ви помогне да ги одмерите добрите и лошите страни на третманот.

Слични написи

Витамини и минерали кои ублажуваат настинка и грип

Biba

Продукти што не треба да ги ставате во микробранова печка

Biba

Зошто е важно да се пие вода пред, за време и после тренинг

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.