Од Ходенхаген, Германија, пристигна лавицата Бела, млада женка која припаѓа на видот бели лавови. За неколку дена, во Скопје ќе пристигне и белиот лав Чака од Амневил, Франција, со кој заедно ќе живеат во пространо живеалиште адаптирано за нивните потреби. Белите лавови се еден од најзагрозените видови во светот, а во природата поради масовниот лов се доведени речиси до истребување.
„За првпат во Скопје, но и во нашата држава, ќе има бели лавови. Планираме да донесеме и бели тигри, како и други бели животни кои се доста ретки. Градот вложува, а Европа се залага што побргу нашата зоолошка да биде европска и што поубаво уредена за животните. Ние сакаме годинава да достигнеме максимална посетеност на Скопје Зоо“, изјави директорот Ѓорѓи Галетановски.