Здравје

Студија открила докази за постоење на микропластика во човечкото тело

Во првото истражување од ваков тип, научниците тврдат дека пронашле доказ за постоење на микропластични честички во човечката утроба.

Австриски научници во рамки на Гастроентеролошкиот конгрес одржан во Виена, претставиле резултати од нивната најнова студија, кои потврдуваат дека микропластиката завршува во човечкиот организам, во цревата и во изметот. Она што изгледа како лесно за докажување, е всушност истражување кое Медицинскиот Универзитет од Виена и Агенцијата за животна средина на Австрија го  започнале уште во 2014 година.

“Нашиот научен метод успеавме толку да го усовршиме, што можеме да разликуваме девет видови на пластика. Тоа ни овозможува да докажеме постоење на микропластика во човечкото тело. Микропластиката дефинитивно е загадувач на животната средина. Ние го направивме првиот чекор, а какви последици ќе има овој резултат по човечкото тело ќе покажат дури дополнителни истражувања”, изјавуваат научниците.

Истражувањето е спроведено на пет жени и тројца мажи на возраст од 33-65 години од Финска, Холандија, Велика Британија, Италија, Полска, Русија, Јапонија и Австрија. Тие повеќе денови требале да следат одреден режим на исхрана, биле прашувани за исхраната и за користењето на козметички производи, гуми за џвакање и алкохол. На крајот, примероци од нивната столица биле анализирани од научниците. Кај сите осум испитаници биле пронајдени 20 честички микропластика на 10 гр столица.

Пластиката е присутна насекаде, производството на пластика во светот е во континуиран пораст од 70-тите години на минатиот век до денес. Во 1950 година производството на пластика изнесувало 1,5 мегатони годишно, а до 2015 година тој број се искачил на неверојатни 400 мегатони годишно.

Одамна е утврдено дека пластиката од морињата и океаните преку морските плодови и рибата доаѓа до човечката храна, но микропластиката во ланецот на исхрана доаѓа и по друг пат, бидејќи е присутна и за време на бербите, производството и пакувањето на прехранбените намирници.

Резултатите на истражувањето биле изненадување за австриските научници, но засега не ги сметаат за загрижувачки со оглед на тоа дека пластиката е инертен материјал, а човечкото тело се чини дека го филтрира и излачува. Но прашањето дали присуството на микропластика може да се докаже и во човечката крв, лимфната течност или дури и во црниот дроб, останува сè уште неистражено.

Слични написи

Пеган – диета која не изгладнува

Biba

Алтернативни начини за намалување на киселините во желудникот

Biba

Неколку причини зошто наеднаш се здебеливте

dart

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.