Убавина

Заштитете ја кожата за време на зимскиот период

 

Сувата кожа е сценарио низ кое поминуваат многу луѓе за време на зимскиот период, а може да го зафати кој било дел од телото. Ладниот воздух, ветерот и сувиот воздух во просториите кои се греат се непријатели кои ве следат на секој чекор. За да не дозволите црвенилото на кожата и нејзиното пецкање да ви ги уништат зимските радости, ви нудиме неколку совети.

Кремот за лице прилагодете го на годишното време

Како превентива од лошото влијание на зимските услови врз кожата, наместо лесни кремови користете ги оние кои во себе содржат хранлива формула. Пудрите и кремовите во зимскиот период треба да бидат богати со состојки кои ќе ја заштитат кожата, ќе ѝ обезбедат доволно влага, ќе ја одржуваат мека, и во услови на ветер, снег и смог ќе делуваат смирувачки на кожата.

Кремовите со УВ заштита не се резервирани само за летните месеци

Само затоа што сончевите денови ги замени облачно и магловито време, не значи дека кремовите со УВ заштита треба да ги кренете и да ги чувате за во лето. За време на зимата, меланоцитите (клетките кои го произведуваат темниот пигмент меланин) не се толку активни како во летниот период. Во зимските месеци УВ зрачењето е послабо, но за кожата е подеднакво штетно. Особено треба да бидете внимателни на планина и на снег. Заедно со ветерот и ладниот воздух, сонцето дополнително ја суши кожата, а снегот, кој ги рефлектира УВ зраците, го зајакнува неговото дејство. Затоа, 20 минути пред да излезете на снег на лицето нанесете водоотпорен крем за сончање. Висината на факторот на заштита зависи од типот на кожата, но ако скијате тој треба да изнесува барем 30.

Пилинг за посјајна кожа

Освен хранливиот крем, пожелни се и благите, неагресивни пилинзи кои не содржат алкохол, кои ќе го отстранат мртвиот површински слој на кожата и ќе поттикнат растење на нови клетки и производство на колаген. За пилингот е потребна густа паста, а како основна состојка може да користите морска сол, шеќер, јачменови и овесни снегулки, пченкарен гриз, мелени јаткасти плодови, цветови од билки, глина и друго. Во основната состојка додајте малку растително масло и пилингот е спремен.

Не заборавајте да ги заштитите и рацете

Познато е дека рацете први ги “издаваат” годините, па затоа пружете им соодветна нега и заштита. И за рацете е задолжителен пилнгот кој ќе го направите по туширање, затоа што тогаш кожата полесно ќе го впие кремот. Исто така, не заборавајте надвор да носите топли ракавици кои ќе спречат пукање на кожата на ладниот воздух.

Направете заштитен слој

По туширањето е важно да нанесете крем или млеко за тело кое содржи бадемово или масло од авокадо, витамини Б, Е и слични состојки кои ќе ја нахранат кожата. Млекото за тело на маслена основа посебно ќе ја заштити од сушење вашата кожа.

Користете навлажнувач на воздухот

Наглите промени на температурата можат да резултираат со кожа склона на иритации и пукање, но и проблеми со дишните патишта. Затоа, размислете за користење на навлажнувач на воздухот или барем ставете сад со вода на радијаторот. На тој начин ќе го спречите претераното сушење на дишните патишта, но ќе ги намалите и алергиите, а и непријатното ‘рчење.

Убавината доаѓа однатре

Освен надворешните услови, исхраната е клучен фактор за здрава кожа. Недостатокот од некои хранливи материи може да доведе до намалено производство на себум, кој ја штити кожата од атмосферските неприлики. Затоа, дополнителен внес на витамини А и Б ќе ѝ помогнат на кожата да произведе природни масла. Во исхраната вклучете многу овошје, зеленчук, цели житарки и јаткасти плодови, и не заборавајте да пиете доволно вода.

 

Слични написи

Лејди Гага лансираше свој бренд на шминка

Biba

Трикови за идеално фенирање на косата

Biba

Модни грешки поради кои ќе изгледате 5 килограми подебели

dart

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.