Здравје

Сонцето и лековите не се секогаш добра комбинација

Летото е период кога сакаме да се заштитиме од комарци, други инсекти, од штетното влијание на сонцето, а забораваме или не знаеме дека некои лекови не одат заедно со сончањето. Познато е дека околу 50 различни лекови предизвикуваат несакани ефекти наречени фотосензитивни реакции по изложување на сончевите зраци. Лекарите и фармацевтите обично предупредуваат на овој тип на несакани ефекти, советуваат мерки на претпазливост, но некои луѓе користат одредени лекови на своја рака, без никакви информации за лекот. Од таа причина, важно е кај лекарот или фармацевтот да се информирате за сите својства на лекот ако претходно не сте го користеле.

Реакциите на фотосензитивност може да се појават по употреба на која било форма на лекот: таблета, инјекција, маст или крема. Можат да се јават кај хронични пациенти кои секојдневно земаат терапија, но и кај лица кои привремено и краткотрајно го користат лекот. Реакциите можат да бидат во форма на благо црвенило, чешање, зголемена пигментација, па до тешки изгореници проследени со пликови.

Реакции на фотосензитивни лекови се фотоалергија и фототоксичност.

  • Фотоалергија

Овој тип на реакција се јавува поретко. УВ зраците ја менуваат структурата на лекот кој телото го препознава како алерген, па реакцијата најчесто се јавува во форма на егзема придружена со чешање на кожата. Промените се појавуваат 24 до 72 часа од примањето на лекот и  изложувањето на УВ зраци. Фотоалергијата може да се прошири и на делови од телото кои не биле директно изложени на сонце. Промените можат да траат со месеци и повторно да се појават по изложување на сонце, иако лекот не се прима повеќе. Од таа причина, лекувањето на фотоалергиска реакција е многу покомплексно и потешко.

 

  • Фототоксичност

Овој тип на реакција се јавува почесто. Лекот акумулира УВ зрачење и доведува до оштетување на клетките. Се појавуваат изгореници на делови од телото што се директно изложени на сончевите зраци. Изгорениците се појавуваат по неколку минути или часови изложеност на лекот и УВ зраците, а симптомите се намалуваат по неколку дена или недели со лупење на кожата и промени во пигментацијата. За да се манифестира фототоксична реакција, потребна е доволна количина од лекот акумулирана во кожата и доволно долго изложување на сонце.

Фототоксичната реакција може полесно да се предвиди. Со одредени мерки на претпазливост можат да се избегнат несаканите ефекти без да се прекинува терапијата. Најдобро е секогаш да избегнувате директна сончева светлина, да користете средства со висока заштита од УВА и УВБ зраци, да носите капа и лесна удобна облека што го покрива телото. Од друга страна, ако примате лек кој појавува фотоалергиска реакција, лекарот може да го замени тој лек со друг.

Лековите кои предизвикуваат фотосензитивни реакции се: некои кардиоваскуларни лекови, антибиотици, аналгетици, антидепресиви, лекови за дијабетес, хормонски препарати и други.

Оралните контрацептиви и хормонската терапија за време на менопаузата можат кај некои жени да предизвикаат појава на темни дамки, претежно на лицето. Ова е исклучиво естетски проблем кој не се решава лесно, но може да се спречи со мерки на претпазливост.

Не секој што зема фотосензитивен лек ќе има несакани ефекти. Вклучени се многу фактори: состојбата и карактеристиките на самиот организам, должината на изложеноста на лекот и на сонце, навиките на поединецот.

Важно е да се напомене дека зголемена фотосензитивност може да предизвикаат не само лекови, туку и шминка, парфеми, есенцијални масла, одредени видови храна како целер, смокви, моркови. Затоа најдобро е да се информирате и да се заштитите на време. Доколку ги препознаете опишаните нуспојави, консултирајте се со лекар, а како прва помош може да користите ладни облоги или антихистамински креми и да не се чешате за да не се прошири реакцијата.

 

Слични написи

Кое сметање на времето е поздраво, зимското или летното?

admin

Ризикот за инфаркт предизвикан од пушењето е поголем кај жените

Biba

Ублажете ги главоболките со етерични масла

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.