Психологија

Златни правила за родителите на тинејџери

 

Повеќето родители на тинејџери доживеале “тешки” зборови од своите деца, од типот “ми одиш на нерви, не те поднесувам”, или “те мразам, едвај чекам да пораснам и да си одам од овде”, особено во моменти кога нешто не им било дозволено. И покрај сиот ваш труд околу нив и нивните потреби, често пати чувствувате дека детето тоа воопшто не го гледа или не му е гајле. Меѓутоа, не наседнувајте на оваа илузија. Овој демотивирачки ефект е лажен, бидејќи вие и она што го правите сте сè уште најважни. Освен што е лажен, овој ефект е за среќа и минлив, а вашите тинејџери за некоја година ќе пораснат и ќе сфатат што сè сте правеле за нив.

Психолозите советуваат како полесно да ги пребродите тинејџерските години на вашите деца и притоа да ги задржите добрите односи со нив.

  • Применувајте свесно моделирање. Што значи тоа? Вие претставувате модел за однесување на вашето дете и тоа никогаш не го заборавајте. Децата ве набљудуваат и кога сте расположени и кога сте лути, и учат од вашите постапки. Вие можеби зборувате едно а правите друго, но децата ќе го прават само она што и вие го правите. И не само тоа, туку ќе бидат збунети и ќе изградат едни стандарди за себе, а други за другите луѓе.
  • Комуницирајте со децата. Многу родители не се свесни дека на децата постојано им поставуваат едни исти прашања: како помина во училиште, напиша ли домашна работа, кога одиш на тренинг… Како да немаме ни волја ни желба за вистинска комуникација. Зборувајте со децата за емоциите, за нивните ставови, за нивните соништа, случувања и настани, и зборувајте често со нив. На тој начин ќе ги научите и да разговараат кога ќе бидат возрасни.
  • Почитувајте ги вашите деца. Почитувањето е основа на секој однос. Се карактеризира со отсуство на страв, па некои застарени воспитни методи се напуштаат. Да се почитува детето, значи да се прифати дека тоа има право на лично достоинство, лично мислење, емоции, па и грешки. Почитувањето е двонасочна улица. Ако ги заплашувате децата, и тие еден ден ќе почнат да ве заплашуваат вас.
  • Одвојте ги децата од себе. Двете најважни задачи на родителот кон детето се – да го сака и да го пушти. Не можете вие секогаш да се грижите за сè. На вашето дете мора да му се остави простор да се развива одвоено од вас. Тоа ќе му помогне да стане комплетна личност. Како што децата растат, така вашата контрола и вашето влијание стануваат ограничени, а челичната контрола нема да му помогне на детето. Многу е важно да најдете рамнотежа.
  • Грижете се за себе. Ова е последно, но подеднакво важно како претходните четири правила. Да се биде добар родител значи интензивно да се грижите за своето дете. Навикнати сме децата да бидат секогаш на прво место, но не заборавајте прво добро да се погрижите за себе, за да можете добро да се грижите и за вашите деца.

 

Слични написи

Синдром на прегореност (burn out): како да го препознаете

Biba

Како редот на раѓање влијае на развојот на личноста

Biba

Кратката дремка го подобрува памтењето

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.