Холандската авиокомпанија КЛМ финансира нов концепт на авион, кој ќе го смени обликот и конфигурацијата на досега познатите авиони.
Импресивниот Flying-V авион има пречник на крилата како и досегашните стандардни авиони, а овозможува доволно простор за 314 патници.
Името го добил според легендарната гитара на Gibson Flying-V, на која свиреле најголемите рок легенди како Хендрикс, Еди Ван Хален и Кит Ричардс.
Концептот на овој авион е развиен од научниците на Технолошкиот универзитет Делфт во Холандија. Се очекува авионот да троши барем 20 % помалку гориво од актуелните авиони, а во неговите крила ќе се сместуваат патници и товар.
Моторите ќе бидат поставени на задниот дел од авионот, а дизајнот драстично ќе го намали отпорот на воздухот и емисијата на гасови.
Според големината, ова летало ќе биде во класата на Airbus A350 и Boeing 787, и со самото тоа ќе може да ја користи постоечката инфраструктура. Ширината на авионот ќе биде 65, должината 55 метри, а неговата внатрешност има голем потенцијал за конфигурирање на седишта и простории.