По појавувањето на фолксвагеновиот “e-up”, на сеатовиот “e-Mii”, уште еден член од концернот произведе мал електричен автомобил.
Шкода го претстави Citigo-e iV кој по дизајнот е многу сличен на конвенционалниот модел, освен што неговото “срце” е електричен мотор со моќност од 82 коњски сили и вртежен момент од 210 њутн метри. Овие параметри можеби не звучат многу, но треба да се земе предвид фактот дека Citigo-e iV е мал автомобил од А сегментот кој е долг 3597 милиметри, а широк 1645 милиметри. Иако од Шкода немаат наведено која е неговата тежина, со сигурност е под 1000 килограми.
Електричниот мотор е адекватен за градско возење. Овозможува забрзување од 0-100 km/h за 12,5 секунди и има максимална брзина од 135 km/h.
Со оглед на тоа дека се работи за електричен автомобил, автономијата на батеријата е многу битен фактор. Благодарение на батеријата од 36,8 kWh, малиот автомобил може да помине со едно полнење 265 километри. Овозможено е брзо полнење на батеријата што овозможува 80 % да се наполнат за 60 минути со помош на брз полнач од 40 kW.
Шкода ќе го продава овој автомобил во верзија со 5 врати.
Сериското производство е планирано за другата половина на годината.