Технологија

Бургери од лабораториско месо – дали е вистински здраво и ќе ја штити ли околината?

 

Лабораториски произведеното месо, кое за првпат му беше понудено на светот пред шест години во форма на хамбургер со цена од 250 000 евра, производителите очекуваат да стигне во супермаркетите за две години, по цена од само 9 евра, пренесува Reuters, повикувајќи се на компаниите кои ја развиваат оваа храна, т.е. технологија.

За таканареченото “чисто месо” веќе има интерес кај потрошувачите кои се загрижени за климатските промени, за животните и за здравиот живот. Доказ за тоа е и бројот на новоосновани компании во оваа гранка, кој порасна од четири кон крајот на 2016 година, на повеќе од 24 компании две години подоцна, во 2018 година, според податоците на организацијата за истражување на пазарот, Good Food Institute.

И алтернативите на растителното месо се во подем. Вредноста на акциите на “Beyond Meat”, на пример, трикратно порасна од првата јавна понуда во мај досега. И “Beyond Meat” и “Impossible Foods” продаваат 100 % растителни месни алтернативи на трговците на мало и на рестораните за брза храна ширум САД.

Исто така, наближува и времето на месо одгледано од животински клетки. Производителите ја усовршуваат технологијата, ги намалуваат трошоците за производство и наскоро ќе побараат одобренија за продажба на пазарот.

Холанѓанецот Марк Пост, соосновач на компанијата “Mosa Meat”, е човекот што во 2013 година прв го одгледа говедскиот хамбургер од 250 000 евра. Во кофинансирањето учествуваше и соосновачот на Google, Сергеј Брин. Како што известуваат “Mosa Meat” и шпанската “Biotech Meats”, трошоците за одгледување на лабораториско месо оттогаш се драстично намалени.

„Првиот бургер во 2013 година беше толку скап затоа што се работеше за нова наука и произведувавме мали количини. Кога обемот на производство ќе се зголеми, проценуваме дека цената на бургерите ќе биде околу 9 евра“, вели портпаролката на “Mosa Meat”, додавајќи дека со тек на време тој бургер ќе биде и поевтин од конвенционалниот.

Соосновачката на “Biotech Meats” Мерцедес Вилја, ја истакнува важноста лабораториското месо да премине од лабораторија во фабрика: “Нашата цел е да дојдеме до комерцијални производи и да добиеме одобрување од регулаторите до 2021 година”. Според неа, цената за производство на килограм лабораториско месо денес изнесува околу 100 евра, за разлика од пред една година, кога чинеше 750 евра, според израелската компанија “Future Meats Technologies”, финансирана од американската “Tyson Foods”.

“Biotech Meats”, “Mosa Meat” и уште неколку други компании, сè уште немаат побарано одобрување од ЕУ регулаторите, бидејќи сè уште работат на понатамошно подобрување на серумот за раст на месото. За да се произведе лабораториско месо, се земаат матични клетки од мускулите на животното, кои потоа се ставаат во биореактор, кој поттикнува раст на влакната на мускулното ткиво, сличен на оние кои се користат за ферментација на пиво или јогурт.

Поддржувачите на новата технологија тврдат дека лабораториското месо е единствениот еколошки одржлив начин за да се задоволи побарувачката на месо, за која Организацијата за храна и агрикултура при Обединетите нации проценува дека ќе се дуплира во периодот од 2000 до 2050 година.

Сепак, има и такви како Џон Линч – истражувач на животната средина од Универзитетот на Оксфорд, кој е скептичен околу еколошкиот аспект на лабораториското месо. Тој вели дека сè уште е нејасно дали лабораториското одгледување на месо, кога ќе достигне голем обем, може навистина да ја конвертира енергијата и нутриентите во месото поефикасно отколку конвенционалното производство.

“Некои студии сугерираат дека лабораториското месо може да бара помалку хранливи извори отколку конвенционалното сточарство, но да бара повеќе енергија. Во таков случај, импактот врз климата ќе зависи од тоа од каде доаѓа таа енергија”, вели тој.

 

Слични написи

Роботските тенкови се новиот додаток на руската армија

dart

Секс-играчка освои награда на Саемот за технологија, но организаторите решија да ја повлечат

Biba

HUAWEI MateView GT – новата серија на гејмерски монитори веќе e достапна на македонскиот пазар

dart

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.