Убавина

Машката брада има повеќе патогени бактерии отколку кучешкото крзно

 

Ако во вашиот живот имате маж со брада или ако вие самите носите брада, овој текст нема да ви се допадне.

Едно помало швајцарско истражување покажало дека во машката брада се наоѓаат повеќе патогени бактерии отколку во кучешко крзно.

Овие загрижувачки вести доаѓаат по резултатите на студијата во која буквално во секој примерок на брада кој послужил за истражувањето – се откриени бактерии, а речиси половина од брадите имале бактерии кои се исклучително опасни по човековото здравје. Наспроти ова, кај тестираните кучиња се пронајдени многу помал број на микроби.

Првобитната цел на истражувањето била да се тестира дали човекот може да се зарази со болести што ги пренесуваат кучињата преку апарат за магнетна резонанца кој го користеле и ветеринари. За да го дознаат ова, научниците земале брис од брадата на 18 мажи и од крзното на 30 кучиња од различни раси.

“Во брадата на мажите се пронајдени многу повеќе бактерии во споредба со кучешкото крзно”, вели професорот Андреас Гудцајт од швајцарската Хирсладен клиника. Сите брисеви од брада покажале високо ниво на микроби, додека само 23 од 30 кучиња имале слично ниво како брадата. “Врз основа на овој резултат, кучињата можат да се сметаат за чисти во споредба со брадестите мажи”, додава Гудцајт.

Патогените кои биле откриени се цревните ентерококни бактерии кои предизвикуваат инфекција на уринарниот тракт и стафилококи кои најчесто се наоѓаат на кожата или во слузницата на околу 50 % од луѓето, но може да предизвикаат опасни инфекции ако се најдат во крвотокот.

Интересен е податокот дека на скенерите за магнетна резонанца имало многу помалку бактерии откако на нив снимале кучиња, отколку после снимањето на луѓе. Со оглед на тоа дека овој апарат е многу скап и многу малку ветеринарни амбуланти го поседуваат, кучињата се снимаат на МР апаратите на кои се снимаат и луѓе во болниците.

И покрај големиот број на бактерии пронајдени во машката брада, научниците нагласуваат дека со студијата немаат намера да им порачаат на сопствениците на бради да се избричат, туку да ги предупредат раководствата на болниците дека пациентите оставаат далеку повеќе потенцијално заразни бактерии на разни болнички површини и дека нивната дезинфекција и стерилизација не е доволна за да го реши овој проблем.

Клучната точка на студијата на која треба да се фокусираат е недоволната болничка хигиена, заради која можат да бидат загрозени пациентите.

Авторите на студијата изнесуваат податок дека околу 1,7 милиони пациенти годишно се заразуваат со опасни интрахоспитални бактерии во американските болници, а околу 100 000 од нив умираат од последици на тие инфекции.

Централното прашање кое овде треба да се постави не е дали треба на кучињата да им се дозволи да ги користат скенерите во болничките установи, туку да се обрне повеќе внимание на хигиената и да се сфати што претставува поголема опасност за пациентите, сметаат авторите на студијата.

 

Слични написи

Навики заради кои изгледате постари отколку што сте

Biba

Што значат натписите на шампоните?

dart

Модни дизајнери кои ги знаеме по име, но не ни текнува како изгледаат

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.