Светска премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ закажана за 10 февруари во Берлин

                                                           

Сестри и Брат

Митевски Продукција

Светска премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ закажана за 10 февруари во Берлин

Улогата на жената во стереотипното општество во конкуренција за Златна мечка

Најновиот филм на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија” кој е во главната конкуренција на престижниот Берлински Филмски Фестивал, својата премиера пред интернационалната публика ќе ја има на 10-ти февруари, а ќе биде прикажан 8 пати во текот на фестивалските денови.

Премиерата ќе биде во главната сала на Берлинскиот Филмски Фестивал Berlinale Palast, чиј капацитет е 1800 гледачи. Истовремено, во последните две недели беше потврдена и продажбата и дистрибуцијата на филмот во Франција, која е закажана за 26-ти април од страна са агентот за продажба Пирамид. Всушност, ова е само трет македонски филм кој добива целосна кино дистибуција во Франција.

Инаку, „Господ постои, името ѝ е Петрунија” е прв македонски филм кој е избран во главна конкуренција на Берлинале, а пак прв пат по 25 години, односно по „Пред дождот“ во Венеција 1994 г., воопшто да биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.

„Навистина сме возбудени пред големата премиера во Берлин, дотолку повеќе што целата комисија на фестивалот беше видно импресионирана од нашето дело. Верувам дека и на публиката еднакво ќе ѝ се допадне приказната на Петрунија, особено што преку неа допираме до многу позначајна тема, а тоа е улогата на жената во општество полно со стереотипи, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе ѝ оставиме на жената во иднина“, вели Теона Стругар Митевска.

Филмот инаку е инспириран од вистински настани кои се одиграа во Македонија кога жена за прв пат го фати крстот за Водици. Приказната во „Господ постои, името ѝ е Петрунија” се одвива во Штип, во текот на 24 часа по Водици, кога токму Петрунија успева да го фати крстот, но нејзиниот успех е дочекан со револт од страна на локалното население и впрочем целото општество, црквата, системот…

Преку оваа приказна, како што вели Митевска, допираме до многу посуштински проблем со кој се соочува една жена во претежно „машки“ систем, а проблемот е кренат дотаму што дури се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот како еден од главните чинители во нашето општество.

“Ликот којшто го играм е навидум обична жена, донекаде и типична за нашето секојдневие, меѓутоа нејзиниот лик се коси токму со ‘типичното’ однесување. Впрочем таа одбива да ја прифати традиционалната улога што ѝ ја наметнува општеството, а ниту јас лично не би се согласила со тие стереотипни општествени норми. Оттука, веројатно и не беше тешко да се идентификувам со главниот лик, меѓутоа сепак се работи за комплексна улога која носи многу повеќе на својот грб, па верувам дека успеав да ја доловам нејзината природа и на големото платно“, изјави Зорица Нушева, актерката во улога на Петрунија.

Филмот е на „Сестри и Брат Митевски Продукција“ и истиот е комплексна копродукција помеѓу Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е и од Агенцијата за Филм на Република Македонија, како и од престижниот Ероимаж фонд, и Медиа фондот за развој на проекти.

По неговата голема премиера во рамките на Берлинале, кој инаку се одржува од 7 до 17 февруари, пред македонската публика за прв пат ќе биде прикажан во текот на месец март.

 

Копирањето на содржината е забрането!