Спомените се драгоцен дел од животот кои многу ни значат. Научниците, сепак, успеале да докажат дека кај многумина од нас првите сеќавања се всушност обична фикција.
Спроведено е опсежно истражување на тема први сеќавања. Со помош на претходните истражувања, според кои најраните човечки сеќавања се создаваат околу третата година од животот, британските научници во оваа нова студија пронајдоа приличен број на луѓе кои тврдат дека имаат сеќавања кои се од периодот пред третата година.
Од вкупно 6,641 испитаник, дури 38,6 проценти рекле дека имаат сеќавања од нивната двегодишна возраст, а дури 893 испитаници изјавиле дека нивните сеќавања датираат дури и од периодот кога имале една година.
За да ги истражат првите спомени кај испитаниците, научниците побарале од нив детално да го опишат своето прво сеќавање и на која возраст тоа се случило. Посебно е нагласено дека сеќавањето мора да биде тоа за кое се сигурни дека се случило и дека никогаш не треба да се темели на семејна фотографија или приказна.
Од добиените описи потоа извршиле анализа на содржината, јазикот, природата и други описни детали и од нив ги оцениле веројатните причини зошто луѓето вистински тврдат дека имаат сеќавања од периодот кога сеќавањата не можеле да се формираат.
Научниците, всушност, објаснуваат дека тоа воопшто не се сеќавања, туку слики креирани од поранешни искуства кои се помешани со фактите за сопственото детство што сме ги слушнале од други.
„Она што некоја личност го има на ум кога говори за сеќавања од раното детство, се всушност епизоди на ментални прикази кои наликуваат на сеќавања“ вели Шазиа Актар од Универзитетот во Бредфорд.
Иако многу од испитаниците се убедени дека се работи за вистински сеќавања, Актар појаснува дека сложеноста на умот многу го отежнува раздвојувањето на фикцијата од фактите во сеќавањата од детството.
„Дури во петтата или шестата година создаваме сеќавања како што имаат возрасните. Тоа се случува поради развивањето на мозокот, созревањето, но и заради подоброто разбирање на светот околу нас“, нагласува Актар.
И поранешни испитувања покажаа дека како возрасни можеме несвесно да „интервенираме“ во сеќавањата и да ги смениме. Мозокот е фасцинантна, но сложена творба и обично ги складира фрагментите од проживеаните искуства, додека дупките во сеќавањата ги пополнуваме со претпоставки кои ни изгледаат логични.