Психологија

Табуа: има ли теми кои треба да ги избегнувате со вашите деца?

 

Да се биде родител е прекрасно, но во исто време и многу одговорно. Светот во кој живееме е далеку од едноставен и една од главните задачи на родителот е да го заштити детето од опасностите кои демнат во него. Ако не го направи тоа, според експертите, ризикува да го уназади развојот на детето и да го изложи на големи ризици.

Во некои минати времиња кои беа поедноставни, ако може така да се каже, на родителите им беше непријатно да зборуваат за теми кои ги сметаат за осетливи, надевајќи се дека нивните деца нема да дојдат во допир со нив, па нема да има ни потреба отворено да се дискутира за тоа додека не станат возрасни.

Меѓутоа, сега живееме во свет кој наметнува многу брзо темпо на живот, информациите ни се достапни на секој чекор, како на возрасните така и на децата, така што е повеќе од јасно дека ако родителите го одложуваат разговорот за непријатните теми, децата ќе се информираат на друго место и тоа веројатно ќе биде на несоодветен начин, за кој сè уште не се емоционално подготвени да се справат.

Затоа, секој родител мора да “стисне заби” и да размисли на кој начин е најдобро да им пристапи на децата и да зборува со нив на темите кои ги смета за незгодни. Колку е детето помало, толку треба да биде и разговорот поедноставен, затоа што може да биде опасно да се влеат претерани стравови во главата на детето и неговата плодна фантазија. За помалите деца најчесто тој разговор се сведува на опасноста да се зборува со непознати.

Но, како што расте детето, така се зголемува и дијапазонот на теми со кои доаѓа во допир. Сексуалност, пушење, пиење алкохол, дрогирање, етницитет, телесни функции (менструација, ерекција, мастурбација…), заљубување, расна припадност, смрт… Има многу теми кои родителите можат да ги сместат во категоријата “непријатни” и да ги избегнуваат со своите деца, затоа што не се сигурни дали треба да зборуваат со нив.

Ако не зборувате со децата на овие теми, тие самите ќе донесат заклучок зошто е тоа така, односно, ќе добијат една од следните пораки:

  • Моите родители не се упатени во оваа тема и не можат да ми одговорат на прашањата што ги имам во врска со тоа;
  • Моите родители не зборуваат со мене на оваа тема затоа што не сакаат да зборуваат за тоа (или им е непријатно, или тоа е нешто за коешто не треба да се прашува, или пак мислат дека јас не треба да знам за тоа); или
  • Тоа е нешто срамно и непријатно и ќе помислат дека нешто не е во ред со мене ако зборувам или прашам во врска со тоа

Тишината, односно незборувањето на родителот, може да пренесе многу гласна порака. Кога не зборуваме со децата за некои прашања, а ним им се познати или слушнале за нив, ние, всушност, сме им кажале многу. Јасно сме им кажале дека “Во нашиот дом не се зборува на оваа тема”.

Многу е важно експлицитно и отворено да им кажеме на децата: “Секогаш можеш да ме прашаш за сè и да зборуваш со мене на која било тема”. Но, исто така е важно и да обрнеме внимание на која тема ѝ дошло време и би требало отворено да се зборува за неа и да им се објасни, или барем да им дадеме до знаење на децата дека сме им секогаш на располагање ако сакаат за нешто за разговараат со нас. Ова најдобро се прави ако темата природно се појави. Ако детето слушне нешто на телевизија или на друго место, прочита некаде во врска со некоја табу-тема, тоа е прилика да се позборува со нив, да ги прашате што мислат тие за тоа, да ги споделите со нив вашите вредности, размислувања и чувства на таа тема.

Колку постабилна основа  поставите за отворена комуникација со децата, толку се поголеми шансите тие да ви се обратат и да зборуваат со вас, и да бидете во состојба да им помогнете ако во иднина се појави некоја тешкотија кај нив.

 

Слични написи

Подигнете го нивото на емоционална енергија

Biba

Децата на депресивните трудници почесто страдаат од нарушувања во однесувањето

Biba

Начинот на којшто реагирате на стрес може да го предвиди здравјето на мозокот

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.