Здравје

Симптоми и болки кои не треба да ги занемарувате

 

Секој од нас понекогаш осеќа болки за кои немаме потреба веднаш да отрчаме на лекар. Доволно добро го познавате своето тело за да знаете дека желудникот ве боли заради тоа што сте се прејале или сте претерале со мрсна храна, или дека грбот ве боли затоа што сте подигнале нешто тешко. Некои болки се толку слаби што можеби помислувате дека не е ништо страшно, но таа непријатност е можеби начин на кој телото ви кажува дека нешто не е во ред. Вистински опасните болки се оние кои не се толку интензивни па ги игнорираме, но можеби се работи за сериозни здравствени проблеми.

Прочитајте на кои болки и симптоми треба да обрнете повеќе внимание.

Проблеми со желудникот

Она што ви изгледа како минлива непријатност заради тоа што сте јаделе пржена или мрсна храна, може да биде жолчното ќесе кое се обидува да произведе жолчна киселина за да се свари таа храна. Меѓутоа, жолчката не излегува затоа што камчиња го блокираат излезот. Она што можеби го осеќате е тапа неодредена болка под ребрата на десната страна, а може да се прошири и до десната плешка, и може да трае и неколку часа. Жените заради естрогенот се три пати повеќе подложни на вакви болки од мажите, а ризикот дополнително го зголемува користењето на контрацептивни таблети и бременост. Ако ја игнорирате оваа болка, може да стане само полошо.

За да се спречи појавата на камчиња, треба да јадете нерастворливи влакна какви што има во јаткастите плодови, овошје и зеленук кое може да се јаде со кората, како на пример патлиџан, краставица, тиквици, јаболки, круши и зрнесто овошје (рибизли, боровинки, брусница, грозје).

Болки во градите, грлото, рамењата, рацете и во стомакот

Болката во градите може да биде последица од пневмонија (воспаление на белите дробови) или на срцев удар. Кардиолозите предупредуваат дека срцевите болести по правило се јавуваат како непријатност, а не како болка. Болните осеќаат притисок во градите. Непријатноста врзана за срцевите болести може да се манифестира и како болка во левото рамо, раката или во вилицата.

Чаеви, мед и таблети можат да ја ублажат болката в грлото. Но, треба да знаете дека и оваа болка може да биде еден од симптомите на срцев удар, со тоа што овој симптом се јавува 12 пати почесто кај жените отколку кај мажите. Жените често кажуваат дека симптомите на срцев удар не биле интензивни болки како што очекувале, туку непријатно чувство. Болката во грлото може да биде резултат на истата работа која предизвикува болки во градите кај лицата кои преживеале срцев удар – послаб доток на крв во срцето.

Болките при срцевиот удар различно се манифестираат кај мажите и кај жените. Триесет и пет проценти од срцевите удари кај жените поминуваат незабележано и многу жени не ги препознаваат суптилните знаци како што се замор, мачнина и потење. Според истражување на списанието Chest, 2 грама рибино или соино масло кое содржи здрави омега 3 масни киселини, значајно ја подобрило работата на срцето на испитаниците кои учествувале во истражувањето, за само две недели.

Болки во долниот дел на грбот и меѓу плешките

Најчесто се работи за артритис, но постои можност да станува збор за срцев удар или за стомачни проблеми. Една од опасностите е дисекција на аортата која се појавува како досадна болка или како ненадеен напад на болка. Во ризична група се наоѓаат луѓе со оштетени ѕидови на артериите како пушачите, луѓе со висок притисок или со проблеми со циркулацијата и дијабетичари.

Не можете да земете воздух

Ова може да се случи заради низа причини, најчесто астма, но може да биде и индикација за срцеви болести или сериозни инфекции. Ако не можете да дојдете до воздух, а претходно не сте вежбале, треба да одите на лекар.

Болки во стомакот

Стомакот може да боли како последица на глад, нервирање, дигестивни пречки или мрзливи црева. Ако осеќате болка под градната коска, може да биде последица на чир. Чирот се активира набрзо после јадењето одредена храна. Претежно, чирот се формира кога ќе се појави бактеријата хеликобактер пилори која го ослабува заштитниот слој на желудникот, па желудечните киселини ја нагризуваат слузокожата на желудникот. Ако оваа состојба не се лечи, постои опасност од перфорација, со што се зголемува ризикот од добивање рак на желудникот.

Оваа бактерија се лекува со антибиотици, а според истражувањата, една чаша сок од брусница дневно ја намалува можноста за појава на бактеријата.

Ако осеќате силна болка во стомакот може да се работи за воспаление на слепото црево, болести на панкреасот, проблеми со цревата и други.

Воспаление на непцето

Дури и мало воспаление на непцето може да укажува на парадентоза која го уништува ткивото на непцето и коските кои ги држат забите. Симптоми како болка, крвавење и лош здив можат да се појават и ако постои хормонален дисбаланс, на пр. за време на месечниот циклус, бременоста, менопаузата или додека се пијат контрацептиви. Ако воспалението трае повеќе од неколку дена, побарајте помош од стоматолог. Во спротивно, се изложувате на зголемен ризик од артериосклероза, срцев или мозочен удар, неплодност и белодробни заболувања.

Грчеви

Силни грчев слични на менструалните можат да укажуваат на ендометриоза, која ги зафаќа органите и може да биде причина за неплодност. Жените со ендометриоза имаат зголемен ризик за заболување од алергии, астма и имунолошки болести. Меѓутоа, силните грчеви не значат по автоматизам дека имате ендометриоза. Единствен начин да се дијагностицира ендометриозата е лапараскопски, а лекарот ќе ви препорача начини за ублажување на болките. Двеста милиграми витамин Е двапати на ден неколку дена пред почетокот на циклусот, може да ги ублажи менструалните грчеви.

Засипнат глас

Засипнатоста најпрво ја поврзуваме со настинка или се јавува како последица на гласно викање. Но, ако ви трае подолго од две недели, може да укажува на проблеми како хипотиреоза или рефлукс. Исто така, може да укажува и на појава на полипи или здебелувања, кои доколку не ги лечите предизвикуваат хронична засипнатост. Ако имате симптоми подолго од две недели одете на лекар и пијте многу течности. Избегнувајте лекови со антихистамини, алкохол, кофеин и чоколадо, кои ги исушуваат и дополнително ги иритираат гласните жици.

Исклучително силна главоболка

Ако сте настинати, може да се работи за главоболка заради воспалени синуси, но може да индицира и дека имате тумор или излив на крв во мозокот. Силната главоболка е еден од класичните знаци на аневризам. Затоа, ако осетите необично силна главоболка задолжително одете на лекар.

Чувство на пецкање во нозете и стапалата

Многу луѓе боледуваат од дијабетес без да го знаат тоа и без да им биде дијагностициран. Кај нив како еден од симптомите може да се појави периферна невропатија – чувство на боцкање и трнење во нозете и стапалата, што може да укажува на оштетување на нервите.

 

Слични написи

Тренинг што трае само 4 минути и дава одлични резултати

Biba

Електронските уреди предизвикуваат несоница

Biba

Зошто е важно да се пие вода пред, за време и после тренинг

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.