Здравје

Симптомите на менопауза може да ги олесни исхрана богата со овошје и зеленчук

Жените кои јадат многу овошје и зеленчук можат да имаат помалку телесни и ментални проблеми поврзани со менопаузата, отколку оние жени кои се склони кон исхрана богата со слатки, грицки и маснотии, покажува едно истражување.

Научниците опфатиле 400 жени кои поминале и завршиле со периодот на менопауза. Тие пополниле прашалници во врска со видот и зачестеноста на симптомите кои ги имале, како и за видот на нивната исхраната. Прашалниците содржеле прашања во врска со симптомите на менопаузата како што се топлотни бранови, ноќно потење, проблеми со мускулите и зглобовите и проблеми со бешиката.

Научниците најпрво определиле три обрасци на исхрана: првата група храна се состоела од многу овошје и зеленчук, втората група од многу мајонез, слатки и десерти и третата група од различни видови мрсна храна и грицки. Потоа, ги поделиле жените во групи според тоа во која од трите групи најприближно припаѓа видот на нивната исхрана. Жените кои јаделе најмногу овошје и зеленчук имале најблаги симптоми на менопауза и оваа животна промена влијаела најмалку на нивната телесна и ментална состојба, во споредба со жените кои консумирале најмалку овошје и зеленчук.

За споредба, жените кои јаделе најмногу мрсна храна и грицки, имале поголеми изгледи да страдаат од симптоми на менопауза кои влијаат на нивното телесно и ментално здравје, отколку оние кои јаделе најмногу овошје и зеленчук.

„Мрсната и зашеќерена исхрана содржи многу прости јаглени хидрати и нездрави масти, посебно заситени и транс масти, и релативно малку влакна, што ги зголемува воспалителните биомаркери и телесната тежина, а сите тие се поврзани со симптомите на менопауза“, вели авторката на студијата Гити Сотудех од техеранскиот Медицински факултет.

„Од друга страна, овошјето и зеленчукот имаат малку маснотии и се добар извор на микронутриенти и антиоксиданси кои му помагаат на телото да го намали воспалението и да одржи здрава телесна тежина за време на менопаузата. Овошјето и зеленчукот се исто така богати со влакна, кои можат да го променат метаболизмот на естрогенот и да ја намалат флуктуацијата на нивото на естроген, што го намалува ризикот за појава на симптомите“, вели Сотудех.

Жените обично поминуваат низ менопауза на возраст помеѓу 45 и 55 години. Со намалување на активноста на јајниците и падот на производството на естроген и прогестерон во годините кои ѝ претходат на менопаузата и потоа, жените можат да искусат симптоми кои се движат од сувост во вагината до промени во расположението, болки во зглобовите и несоница.

Дебелината, неактивноста, пушењето и консумирањето алкохол се поврзани со зголемен ризик од тешки и зачестени симптоми на менопазуа, истакнуваат авторите на студијата. Некои претходни истражувања ја поврзаа исхраната со мал удел маснотии и висок удел овошје, зеленчук и интегрални житарки – со помалку топлотни бранови и ноќно потење, наведуваат авторите.

Слични написи

Здравјето на децата е поврзано со степенот на образование на родителите

Biba

Што треба да јадете по напорно вежбање

Biba

Како да го избегнете топлотниот удар и последиците од него

dart

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.