Психологија

Сексуален развој кај децата: што е нормално, а што не е?

Како што се развиваат физички, емоционално и социјално, децата се развиваат и сексуално. Дури и малите деца се впуштаат во сексуално однесување преку допирање на гениталиите и кажување на вулгарни зборови.

Сексуалното однесување може да биде проблем кога е развојно несоодветно или вклучува други деца, и секогаш е проблем кога вклучува притисок и присила насочена кон други деца. Исто така, проблем претставува и кога семејството не го смета сексуалното однесување за нормално и не го прифаќа.

Нормалниот сексуален развој се случува постепено од најрана возраст и тој процес може да варира помеѓу децата. Тоа што кај некои деца се случува порано, а кај други подоцна, не значи дека нешто не е во ред. Сите деца имаат различни карактеристики, темперамент и искуства; исто така, и сите семејства имаат различни вредности и обичаи.

Родителите без проблем разговараат со децата за разликата помеѓу тоа што е исправно, а што погрешно, но имаат тешкотии да ја начнат темата за сексуалниот развој.

Како што растат и стануваат поголеми, на децата ќе им треба водство во учењето за овие делови на телото и нивната функција.

Повеќето деца на предучилишна возраст се љубопитни за своите тела и почнуваат да ги истражуваат со допирање, тегнење и триење на нивните делови од телото, вклучувајќи ги и гениталиите. Допирањето на нивните сопствени сексуални органи е вообичаено и нормално. Децата се, исто така, љубопитни и за телата на возрасните и можат да се обидат да ги допрат и нивните сексуални делови од телото, на пример, градите на нивната мајка. Околу четвртата година сексуалното однесување станува повеќе социјално. На пример, децата може да ја играат играта „доктори“, во која меѓусебно си ги гледаат и допираат сексуалните органи.

До петтата година, повеќето деца веќе прашале нешто поврзано со сексот, како што е: од каде доаѓаат и како се прават бебињата, за телесните разлики помеѓу момчињата и девојчињата, за телесните органи и нивната функција.

Американската академија на педијатри изработила информации и совети кои ќе ви помогнат да ја разберете разликата помеѓу „нормално“ сексуално однесување и однесување кое сигнализира дека постои проблем.

Што е нормално?

Следува листа на она што педијатрите го сметаат за нормално и вообичаено сексуално однесување кај децата на возраст помеѓу две и шест години.

  • Мастурбираат или ги допираат гениталиите во јавност или скришно
  • Ги гледаат или ги допираат гениталиите на другарчињата или на новородениот брат/сестра
  • Ги покажуваат гениталиите пред другарчињата
  • Стојат или седат премногу блиску до некого
  • Се обидуваат да ги видат другарчињата или возрасните голи
  • Кажуваат вулгарни зборови и вицови кои ги слушнале заради забава или за да предизвикаат реакција

Ова се обично постапки кои се минливи, ретки и може да му се пренасочи вниманието на детето кон нешто друго.

Предупредувачки сигнали

Родителите треба да знаат кога однесувањето на детето претставува повеќе од безопасна љубопитност. Проблематичното сексуално однесување може да претставува ризик за безбедноста и добросостојбата на вашето и на другите деца и може да сигнализира потенцијално телесно и сексуално злоставување или изложеност на детето на некаква сексуална активност.

Проблематичното сексуално однесување кај децата вклучува постапки кои:

  • се јавуваат често и притоа детето не дозволува му се пренасочи вниманието кон нешто друго
  • предизвикуваат емоционална или физичка болка или повреда на самите себе или на други деца
  • се поврзани со физичка агресија
  • вклучуваат принуда или присила
  • симулираат сексуални активности на возрасни

Совети за родителите за заштита на телесниот интегритет на детето

Родителите треба да почнат да ги подучуваат децата како да го заштитат својот телесен интегритет на возраст помеѓу три и пет години. На кој начин?

  • Користете соодветен вокабулар. Научете ги децата на вистинските имиња на сите делови од телото, вклучувајќи ги и имињата како што се гениталии, пенис, вагина, гради, задник и приватни делови. Измислувањето на имиња за овие делови праќа порака дека нешто не е во ред со нивните вистински имиња. Сфатете зошто детето има посебно име за некој дел од телото, но кажете му го и соодветното вистинско име за тој дел. Исто така, научете ги децата кои делови од телото се приватни (деловите што ги покриваме со костим за капење).
  • Негувајте пристојност во семејството. Пристојноста е концепт што малите деца тешко го разбираат, но искористете ја можноста на таа рана возраст да ги поставите основите за идните дискусии на таа тема и вие самите однесувајте се пристојно. Не заборавајте дека децата најмногу учат преку пример (од вашето однесување). Ако имате дома деца на различна возраст, многу е важно помалите деца да ги научите да им дадат приватност на постарите. Обично постарите деца во семејството ги учат помалите да се облечат, на пример, затоа што им дошле пријателите на гости или затоа што созреваат и се срамат дури и пред нивните браќа и сестри.
  • Не форсирајте љубов по секоја цена. Не ги терајте децата со сила да гушнат или бакнат некого ако не сакаат. Имаат право дури и на баба и дедо да им кажат дека не сакаат да ги гушнат или бакнат кога се поздравуваат. Несоодветното допирање – особено од возрасен на кој му веруваат – може да биде многу збунувачки за нив. Постојано зацврстувајте ја идејата дека нивното тело е нивна лична сопственост и дека имаат право да го заштитат. Многу е важно детето да знае да ви каже ако некој го допирал. Така тоа ќе знае дека е, исто така, и ваша работа да го заштитите.
  • Објаснете им ја разликата помеѓу добрите и лошите допири. Може да им објасните дека „доброто допирање“ е начин на кој луѓето покажуваат дека се грижат едни за други и дека си помагаат (на пример гушкање, држење за раце, менување пелена на бебето). „Лошо допирање“ е она кое не ви се допаѓа и сакате веднаш да престане (на пример удирање, клоцање, допирање на приватните делови од телото). Успокојте ги децата дека повеќето допири се во ред, но дека треба да кажат НЕ и мора да ви кажат ако некој ги допрел на начин кој ги плаши или ги збунува.
  • Поставете им стабилни правила. Научете ги дека не е во ред некој да им ги гледа или допира приватните делови или деловите кои им се покриени со костимот за капење. На детето му е лесно да следи правило, на тој начин веднаш може да препознае „лош допир“ ако го има на ум тоа правило. Уверете ги децата дека секогаш ќе ги сослушате, ќе им верувате и дека сакате да ги заштитите.
  • Контролирајте ја изложеноста на медиуми. Дознајте го рејтингот на игрите, филмовите и програмите што ги гледаат на телевизија и на интернет, за кои се бара задолжителна родителска контрола. Обезбедувањето на соодветна алтернатива е важно за да ја избегнете изложеноста на децата на сексуални содржини во медиумите. Имајте на ум и дека детето самото може да види сексуални однесувања во своето опкружување или на екраните и да не ви каже за тоа.
  • Често со вашите деца навраќајте се на овие информации. Добро време да зборувате со децата за личната безбедност е додека ги капете, пред легнување и пред секоја нова ситуација. Од тргнување во градинка/запознавање на нови лица кои ќе ги чуваат и ќе се грижат за нив, членување во спортски клубови, одење на одмор, воншколски активности, децата среќаваат и имаат интеракција со многу возрасни и деца секојдневно.
  • Очекувајте прашања од нив. Прашањето што ќе го постави вашето дете и одговорот кој е соодветен многу зависи од неговата возраст и способност да разбере. Следните совети ќе ви олеснат и вам и на детето:
  1. Не се смејте и не се кикотете дури и ако неговото прашање ви е слатко. Не реагирајте луто. Не треба да го засрамите детето заради неговата љубопитност.
  2. Бидете кратки. Не навлегувајте во долги објаснувања. Одговарајте со едноставни термини. На пример, 6-годишно дете нема потреба да ги знае деталите од сексуалниот чин.
  3. Проверете дали вашето дете сака или треба да знае повеќе за тоа што го прашува. Прашајте го дали му е доволен одговорот што сте му го дале.
  4. Слушајте ги одговорите и реакциите на детето.

Зборувајте со вашиот педијатар или психолог

Ако моментално се соочувате со некое од овие прашања или имате дополнителни недоумици, зборувајте со вашиот педијатар или психолог. Тие ќе ви помогнат да ги разграничите сексуалните однесувања кои се развојно соодветни и нормални за возраста на детето, од оние кои што се несоодветни и можеби испраќаат потенцијално предупредувачки сигнали. Барањето помош едноставно значи дека се грижите за детето и дека ќе направите сè што е во ваша моќ да му помогнете и да го заштитите.

Слични написи

Заблуди поврзани со анксиозноста

Biba

Зошто е важно да читате со вашите деца

Biba

Многу играчки не се добри за детскиот развој

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.