Здравје

Пролетни алергии

Пролет е. Овој период од годината обично е придружен со раст на разнобојни растенија. Природата е позеленета, цвеќињата расцутуваат, а милиони луѓе се подготвуваат да се борат со истиот проблем што им се повторува секоја година. Тоа е: чешање на очите, салви од кивање, постојано течење на носот. Ова се симптоми на сезонски алергии. За среќа, и покрај фактот дека сезонските алергии може да бидат здодевни или да предизвикаат загриженост кај родителите и кај децата, сепак, постојат многу начини со кои може да се намали нивното влијание.

Што ја предизвикува оваа алергија?

Алергија се развива кај оние деца кај кои  имунолошкиот систем на телото реагира на одредени супстанции како да се закана за организмот, со создавање антитела за борба против нив. Таквите супстанции се нарекуваат алергени. Кога организмот стапува во контакт со алерген, при секој следен контакт со алергенот ќе генерира повеќе антитела и хистамин ослободувачки медијатори што водат кон развој на поизразита алергиска реакција. Тие супстанции ги предизвикуваат симптомите во носот, грлото, очите и во другите делови од телото.

Тегобите почнуваат околу мај и обично се манифестираат со чешање и солзење на очите, со течење на носот или со затнат нос, со кивање.

Американскиот колеџ за алергија, астма и имунологија известува дека алергиите се шеста водечка причина за хронична болест во САД. Кај околу 7,8% од луѓето на возраст над 18 години може да се манифестира како поленова треска. Во светот оваа болест е застапена кај 10%-30% од населението. Поленот се шири со ветерот,  доаѓа во контакт со  очите и со кожата или може да се вдиши. Поленот може да биде од дрвја, треви, плевел или од мувла.

За справувањето со сезонските алергии понекогаш е доволно само да се знае кога овие алергени ги има најчесто во воздухот за да може да се избегнат. Количината полен од растенијата на кои сте алергични не може точно да се одреди во воздухот. Важно е да се знае на што е алергичен пациентот и како да ги лекува своите специфични тегоби. Различни видови  полен преовладуваат во различни сезони. Во периодот меѓу јануари и април, обично, поленот се ослободува од дрвјата, вклучително борови, бреза и топола. Во текот на летните месеци доминира поленот од трева, а во есенските поленот од плевел.

Симптомите на алергија обично траат неколку недели и месеци, а пациентите се жалат на чешање во носот, грлото и во очите. Пациентите со алергии, вообичаено, немаат треска. Тие манифестираат сува кашлица и бистар секрет од носот. Некои луѓе може да имаат симптоми на астма, како што се кашлица, отежнато дишење и чувство на стегање во градите.

Со цел да се намалат шансите за развој на алергиски реакции се препорачува да се остане дома кога во воздухот има најголема количината полен (од утринските часови, па до попладневните часови). Ако треба да се излезе надвор, постојат неколку чекори што може да ги намалат шансите за доаѓање во контакт со алергените. Заштитните очила ги штитат очите, а примената на мала количина вазелин во внатрешноста на ноздрите може да спречи некои алергени да навлезат во носот. Ако не постои начин да се избегне косењето на тревникот или корнењето на плевелите, треба да се носи маска со филтер за заштита од алергени.

Не треба да ја сушите облеката надвор бидејќи на тој начин со неа дома може да го внесете поленот.

Минимизирање на ризикот од контакт со алергени: Невозможно е да се отстранат сите алергени од воздухот во внатрешноста на куќата, но постојат чекори што може да помогнат да се намали нивото на изложување. Прозорците треба да бидат затворени – ова е едноставна мерка. Кога ќе почне да се зголемува температурата, треба да се користи клима-уред во куќата и во автомобилот. Пожелно е да се користат посебни филтри за воздух и редовно да се чистат. Одржувањето сув воздух во домот помага да се спречи растот на други алергени, како што е мувлата. Домот треба да се чисти со правосмукачка што има посебен филтер, за бришење на подот и на мебелот да се користи влажна крпа, со цел да се собере поленот, а со тоа да се намали можноста за контакт со него.

Симптоми: Пациентот може сам да ја открие карактеристичната алергиска тријада: солзење на очите; знаци на риносинуситис или ринитис; кашлица, спазма на бронхиите. Пациент со сезонска алергија може да открие и други симптоми, како што се: чешање на очите и нивно црвенило и оток; фотофобија, зголемено солзење; кивање, чешање во носот; отежнато назално дишење, назална конгестија; бистар секрет од носот; засипнатост на гласот; се јавува болка во увото; уртикарија, атопичен дерматитис; главоболка, телесната температура може да се зголеми; бронхоспазма и специфична поленова астма.

Секој нема алергиски манифестации на бронхоспазма. Тие нема да се манифестираат ако се преземени навремени превентивни мерки.

Дијагноза: Искусниот алерголог лесно може да ги дијагностицира сезонските алергии. Тој го испитува пациентот, собира податоци за тоа какви тегоби има, со цел да ја исклучи можноста за други болести. Со цел точно да се одреди можниот алерген, се прават специјални алерголошки тестови.

Лекување: Изборот на лекови зависи од сериозноста на болеста, периодот на полени и од карактеристиките на пациентот. Главна цел на лекувањето е да се заштити детето од ефектите на алергените врз ранливите органи, а со тоа и елиминирање на знаците на болеста. Лековите за алергија се поделени во следниве групи:

  • Антихистаминици: Може да ви помогнат во олеснувањето на тегобите: кивање, чешање, течење на носот и насолзени очи. Во орални антихистаминици спаѓаат лоратадин, цетиризин и фексофенадин.
  • Деконгестиви: Таблетите, како што е псевдоефедрин, може да обезбедат привремено олеснување во случај на затнат нос. Деконгестивите, исто така, ги има во форма на спреј за нос, како што се оксиметазолин и фенилефрин, но може да се користат само неколку дена едноподруго. Долгорочната употреба на деконгестиви за нос може да ги влошат симптомите со потенцирање на конгестијата.
  • Кромолин натриум спрејот за нос може да ги олесни симптомите на алергијата и нема сериозни несакани ефекти, иако е најефикасен кога ќе почнете да го користите пред почетокот на симптомите.

Некои лекови за алергија се комбинација од антихистаминик со деконгестив. На пример, лоратадин-псевдоефедрин и фексофенадин-псевдоефедрин. Измивањето на носот со солен раствор е брз, евтин и ефикасен начин да се намали назалната конгестија, а со тоа се врши и плакнење на слузницата од слуз и алергени од носот.

Ако имате изразена сезонска алергија, вашиот лекар може да ви препорача да направите кожни  алерголошки тестови или тестови за алергија од крвта за да дознаете точно кои алергени се причина за активирањето на симптомите. Тестирањето може да помогне да се одреди какви чекори треба да се преземат за да ги избегнувате вашите специфични алергени и да се одреди кои лекови најверојатно најдобро ќе дејствуваат кај вас. За некои луѓе алерген имунотерапијата може да биде добра опција. Исто така, третманот што е познат како десензибилизација вклучува редовни инјекции што содржат мали количини супстанции што ги предизвикуваат вашите алергии. Со текот на времето овие инјекции ја намалуваат реакцијата на имунолошкиот систем што ги предизвикува симптомите. За некои алергии може да се дадат вакцини во форма на таблети што се ставаат под јазикот.

Слични написи

Фрижидерот е извор на бактерии

Biba

Неочекувани ефекти од обична чаша вода

Biba

Забите не треба да се мијат веднаш по јадењето

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.