Психологија

Препознајте ги раните знаци на дислексија уште на предучилишна возраст

Дислексијата претставува специфична потешкотија во учењето и процесирањето на јазикот, со која родителите обично се среќаваат кога детето ќе тргне на училиште, но има начин таа да се воочи и во предучилишниот период. Сите дефиниции за дислексија опишуваат тешкотии во совладувањето и развојот на вештините за читање и пишување.

Колку рано може да се препознае дислексијата?

Од голема важност е оваа тешкотија да се препознае на време. Дијагнозата на дислексија не може да се постави во предучилишниот период, но можат да се препознаат раните знаци кои укажуваат дека детето можеби ќе има проблеми во совладувањето на читањето и на пишувањето. Тие знаци се однесуваат на јазичните и визуелно-перцептивните способности на детето во предучилишна возраст, кои доколку ги забележиме на време, со соодветни вежби можат да се зајакнат.

Кои се тие знаци?

Сиромашен вокабулар. Речникот се состои од зборови кои ги разбираме (рецептивен речник) и зборови кои ги употребуваме (експресивен речник). Речникот се збогатува континуирано низ целиот живот на човекот, но најголема експанзија доживува во предучилишниот период. Новите зборови децата ги усвојуваат преку слушање и разговор со околината, но голема улога има и читањето. Со читање и прелистување на сликовници од најрана возраст, дури и во периодот кога детето сè уште не разбира што му се зборува, се усвојуваат многу знаења (се збогатува речникот, се создаваат логички врски, се развива значењето на зборовите, буквите и гласовите…). Истражувањата докажале дека детето кое познава голем број на зборови побрзо ги совладува вештините на читање и пишување и значајно полесно го совладува училишното градиво.

Јазични потешкотии. Голем број на деца кои и покрај уредниот когнитивен развој доцнат во јазичниот развој, кога тргнуваат на училиште имаат потешкотии во учењето и усвојувањето на вештините на читање и пишување. Некои од главните карактеристики на говорот на децата со јазични потешкотии се: доцнење во фазата на брборење (која се јавува на 6 месечна возраст), задоцнето појавување на првите зборови, потешкотија во присетувањето на зборовите, задоцнет почеток на обликувањето на прости и сложени реченици, доцнење во усвојувањето на граматичките правила, тешкотии во самостојно структурирање на реченица, тешкотии во раскажувањето и прераскажувањето. Со поаѓањето на училиште наведените јазични тешкотии се рефлектираат на совладувањето на вештините на читање и пишување.

Тешкотии во усвојувањето на фонолошките вештини. Фонолошката свесност е една од најважните вештини која мора да биде развиена пред поаѓање во прво одделение. Таа се однесува на препознавање, издвојување и манипулирање на помалите делови на реченицата (слог, рима, глас). Самата фонолошка свесност опфаќа повеќе вештини кои децата ги совладуваат на различна возраст и се одвива постепено, во повеќе чекори. Кои се тие чекори? Препознавање на рима, создавање на рима, спојување на слогови (ме-че=мече), расчленување на слогови (маче=ма-че), фонемско спојување (м-е-д=мед), фонемско расчленување (мед = м-е-д). Ако детето не ги усвои наведените чекори, може да се очекува дека ќе има проблеми во усвојувањето на читањето и пишувањето.

Тешкотии во помнењето. Капацитетот на работната меморија е важен фактор за вештината на читање, а истражувањата покажуваат дека во детството може да биде значаен показател за успешноста во читањето на училиште. Децата кои имаат проблеми со работната меморија потешко ги учат имињата на боите, потешко помнат песнички и потешко ги именуваат буквите. Именувањето на буквите е услов за успешно читање и во многу истражувања се наведува како еден од најзначајните показатели за подготвеност за усвојување на вештините на читање. Децата од предучилишна возраст треба да бидат изложени на букви дома и во градинка преку игри кои вклучуваат букви. Корисно е и да ги коментираат буквите кои ги препознаваат и низ игра да им се поттикне интересот за буквите.

Тешкотии во усвојувањето на просторните и временските односи. Децата кои имаат потешкотии со читањето и пишувањето, често имаат проблем и во сфаќањето на просторните и временските односи. Во предучилишниот период децата не се снаоѓаат во толкувањето на дневниот тек на настаните (на пр. тешко одредуваат дали биле во парк пред или после ручекот), или отежнато ги сфаќаат поимите како денес, утре, пред, потоа, покрај, зад, пред…

Тешкотии во визуелната перцепција. Многу истражувања ја истакнуваат важноста на улогата на визуелната перцепција и дискриминацијата при усвојувањето на вештините на читање. Уште во раното предучилишно доба децата почнуваат да ги препознаваат зборовите според нивните визуелни белези. Ако немаат “визуелен речник”, не разликуваат лева од десна страна, буквите ги пишуваат огледално, се обидуваат да читаат и пишуваат од десно кон лево, можеже да се посомневаме дека постојат одредени потешкотии во подрачјето на визуелната перцепција, што со тргнувањето во училиште може да се одрази на усвојувањето на вештините за читање и пишување.

Слични написи

Ефектот на Омега-3 масните киселини при лекување на анксиозноста

admin

Невербални знаци кои откриваат личносни особини

Biba

Како да бидете посреќни и позадоволни во пет чекори

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.