Психологија

Помогнете им на децата успешно да ги решаваат меѓусебните конфликти

Колку и да се непријатни, конфликтите се нормален дел од животот. Помагајќи им на децата ефективно да ги решаваат конфликтите, истовремено им помагаме повеќе да уживаат во нивните пријателства и дружењето во училиште и надвор од него. Се разбира, колку добро се децата оспособени да разрешуваат конфликти е директно поврзано со нивната возраст, степенот на развој и животните искуства. На пр. многу мало дете не знае како да направи компромис без помош од возрасен и  нема емоционален капацитет да ги разбере потребите на другите. Децата од сите возрасти треба да ги научиме на стратегии и вештини кои ќе им помогнат да бидат поефективни во решавањето на конфликтите, да им помогнеме да бидат добри пријатели.

Кои се тие стратегии?

  • Да научат да се справуваат со силните емоции

Децата имаат право да чувствуваат силни емоции како што се лутина, бес и фрустрација, но важно е да научат дека заплашувањето и заканувањето, и вербалното и физичко повредување, нема да помогнат во решавањето на конфликтот. Важен дел од процесот на успешното решавање на конфликти е да им помогнете да научат едноставни стратегии да останат смирени, како што е длабокото дишење или броењето до десет.

  • Да слушаат и да зборуваат

Многу е важно децата да научат добро да слушаат. Може да биде тешко да ги научите да се сослушаат еден со друг, особено ако се помали, кога се вознемирени или уморни, па тогаш зборувањето за проблемот може да биде невозможно. Во таков случај најдобро е да почекате детето да се смири, па потоа да пристапите кон позитивни стратегии на решавање на конфликтот.

Исто така, помогнете им на децата да сфатат дека љубезното зборување е многу важно во решавањето на конфликтна ситуација. Заедно смислете израз или реченица која ќе ја кажат на пријателот, како почеток во разрешувањето на конфликтот. На пр. нека кажат “Ајде да зборуваме за овој проблем и да најдеме начин да го решиме”. Многу покорисно е да кажат како се чувствуваат и како би сакале да се реши проблемот отколку да се обвинуваат еден со друг и да ја бараат причината за проблемот.

  • Заедно да зборуваат за можните решенија на проблемот

Можеби ќе им треба помош од возрасен кој ќе ги води низ процесот на заедничко наоѓање на решение со кое ќе бидат задоволни сите учесници во конфликтот. Кај помладите деца држете се до едноставни решенија, а постарите потсетете ги дека сечија идеја треба да биде слушната и дека ниту еден предлог не е глупав.

  • Охрабрете ги да бидат фер

Често зборувајте со децата за предностите од тоа да се биде љубезен, фер и да се зборува со другите. Охрабрете ги и пофалете ги кога ќе видите дека постапиле исправно.

  • Кога ништо друго не помага

Научете ги децата дека е во ред да се повлечат ако не успеале со ниедна стратегија да го решат конфликтот. Треба да знаат дека можат секогаш да ви се обратат и да побараат од вас помош да се разреши спорната ситуација.

Слични написи

Психологија на привлечност: Како избираме емотивни партнери

dart

Навики кои ќе го подобрат вашето ментално здравје

Biba

Фејсбук ги спојува луѓето, но ги прави несреќни

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.