Психологија

Одгледувањето темпераментно дете е тешко, но има и свои предности

Знаете како сите луѓе имаме мускули, но бодибилдерите имаат супермускули? Тоа може да се спореди со превисокото ниво на упорна тврдоглавост што ја има темпераментното дете – прекумерна и натпросечна, тие се неоспорни шампиони во истрајување “на своето”. За нив зборот ”престани” нема никакво значење и не го прифаќаат вашето бесмислено убедување да го прават ”она што треба да го прават”.

И исто како што обичен човек би се обидувал да го постигне успехот на бодибилдер во натпревар на кревање тегови, тоа е исцрувачки и многу напорно. Посебно кога сè што сакате е да го натерате детето да облече јакна на температури под нулата или да учествува во активност во која сите други деца без проблем учествуваат ( на пр. заедничка игра или приредба во училиште/градинка), а вие доаѓате во искушение да му се развикате на вашето дете и да се запрашате ќе почне ли некогаш да соработува.

Темпераментните деца ги тестираат границите, никогаш не се задоволни со статус кво, секогаш и сè преиспитуваат. Тие прашуваат “Зошто?”, кога другите деца велат “Во ред”. Никому не му веруваат на збор, повеќе сакаат самите да ги тестираат теориите, дури и ако тоа значи да научат нешто на потешкиот начин.

Нема сомнеж дека ова е заморно и напорно, и многу ве лути. Но истовремено, има и убавина во нивната храброст – тие не се плашат да ризикуваат и повеќе сакаат да учат од личното искуство отколку друг да им кажува.

Нивната енергија нема граници, од моментот кога ќе ги отворат очите наутро (или в зори), до моментот кога сосила ќе ги пикнете во кревет навечер, и покрај тоа што тие “не се уморни”. Според нивната перцепција – тие го поседуваат светот и сакаат што повеќе време да поминат будни, истражувајќи и освојувајќи нови знаења. Тоа е особина за восхит, но тешко можеме да ѝ се восхитуваме ако константно се обидуваме да го смириме детето.

Послушноста не е нивна силна страна, но тие не се обидуваат намерно да ве извадат “од кожа”, туку само ги исполнуваат оние барања кои се совпаѓаат со нивното мислење. Ако ним не им има смисла она што вие го барате од нив, ако мислат/чувствуваат дека тоа е погрешно, тие едноставно нема да ве послушаат. Се разбира, во некои случаи послушноста е неопходна, како што е на пример кога им кажувате да не ги ставаат прстите во штекер или да погледнат и лево и десно кога ја преминуваат улицата. Некогаш децата мора да нè послушаат, без оглед дали им се допаѓа тоа или не.

Но, за повеќето работи кои не оставаат последици, запрашајте се дали навистина вреди да се “борите” со нив. Ригидното очекување темпераментното дете да слуша наредби само затоа што сакате да биде послушно е константна борба, но уште полошо од тоа – ако успеете да ја скршите неговата челична волја и да го натерате да соработува, му праќате порака дека послушноста е поважна отколку она што тоа самото чувствува дека е исправно. А дете кое беспоговорно ги исполнува барањата е толку фокусирано на она што се бара од него, што можеби нема ни да забележи дека тоа не е во негов интерес. Размислувајте на ваков начин: неговата решеност да го следи својот сопствен пат (она што го наумило) сега ве фрустрира, но подоцна за него ќе биде корисно затоа што ќе знае да истрае кога другите деца ќе потклекнат под притисокот на врсниците.

Колку и да е тешко да се одгледува многу темпераментно дете, уште потешко е да се биде такво дете. Средината секогаш овие деца ги гледа како неадаптирани и несоодветни и се обидува да ги обликува според своите сфаќања – како да сакате коцка да ја напикате сосила во тркалезен отвор – нема да ја собере. Нивните чувства и мислења се секогаш крупни и интензивни, и исто таква е и нивната склоност да ги следат по секоја цена, што не секогаш се совпаѓа со замислата на родителот за тоа како би требало да се однесува детето. Може да се случи да бидат етикетирани како проблематични деца или деца со проблем со дисциплината, кога во реалноста – сè што сакаат тие е независност.

Се разбира дека има правила кои секој од нас мора да ги следи, но ова се деца кои практично од матката излегле подготвени да го прават тоа што го наумиле без оглед на мислењето на околината, така што дозволувајќи им да бидат независни онаму каде што може е од витално значење за нивната среќа (а и за вашата). Дозволете им сами да си го спакуваат појадокот за на училиште, иако знаете дека тоа нема да биде она што вие би им го спакувале. Дозволете им сами да ја одберат својата облека, затоа што ним не им е гајле дали ригите одговараат со коцки ако тие се чувствуваат добро во неа, а не треба да ви биде ни вам. Можеби минувачите ќе ве гледаат чудно, но тие не знаат со што се справувате. Кога тие би го имале вашето дете на неколку дена, би сфатиле дека не вреди да се бори човек за секоја ситница.

Осудата од средината може да биде силна кога одгледувате динамично дете. Доволно е тешко што мора да ги воспитувате овие мали тврдоглави човечиња и без мешањето на околината. Постојано ви делат мислења и совети кои никогаш не сте ги побарале: сте се обиделе ли да го елиминирате глутенот и шеќерот од исхраната?; можеби предолгото гледање телевизија е виновно за сета оваа претерана енергија; треба да му најдете добар терапевт; доброто старо плескање по задникот ќе помогне…

Игнорирајте ги овие коментари и продолжете по свое. Патувањето ќе биде долго, но има светло на крајот на тунелот. Истите тие квалитети заради кои сега ви се чини дека ќе ви експлодира главата, на вашето дете ќе му служат и тоа како добро кога ќе биде возрасен. Вие одгледувате пионери, лидери, иноватори, претприемачи, иницијативни луѓе. Нивната внатрешна мотивација, тој оган што гори во нив, ќе ги поттикне да истражуваат нови територии еден ден.

Не сте проколнати да имате “тешко” и тврдоглаво дете, туку дадена ви е доверба да обликувате моќна сила. Тие ќе созреат и пораснат во возрасни кои ќе имаат особини кои сите би сакале да ги имаме малку повеќе, и ќе бидат тип на луѓе кои ќе ги водат промените во светот.

Сè што треба да направите е да ги преживеете следните 10-20 години.

Слични написи

Навики на издржливите личности

Biba

Прочитајте ги луѓето брзо и едноставно: говорот на телото е помоќен од зборовите

Biba

Стресот за време на детството може да доведе до оштетување на мозокот

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.