Психологија

Мојот живот за време на пандемија

 

Последнава година беше многу тешка. Се појави оваа ужасна пандемија и целот живот ми се измести од нормалниот тек. Toa што требаше да трае две седмици прерасна во огромен проблем кој трае подолго од една година. Болеста секојдневно се влошува и секој час, секоја минута, секоја секунда што поминува ги живеам во страв, тензија и неизвесност.

Со другарите се дружам многу ретко. Се слушаме по телефон, зборуваме на социјалните мрежи, но ми недостасува да се видиме лице в лице, да си кажеме по некоја шега, да направиме „да пукне“ со рацете и раперски да си ги допреме тупаниците.

Игралиштето за кошарка пред мојата зграда зјае празно. Ова е погрешно, не смее да биде вака. Неприродно е детско игралиште да биде волку пусто. Ми недостасува радосниот цвркот од детски гласови кој ме будеше секое утро. Прво излегуваа мајките со нивните весели и разбрборени бебиња и помалите дечиња, а потоа се растрчувавме ние поголемите, мангупите, и правевме галама под кошот.

Паркот со играчки одекнува со празнина како од некој хорор-филм. Црвената лизгалка, полукружното скалило, шарените клацкалки, лулашките… речиси да можам да го слушнам нивниот плач. Тишината е страшна и заглушувачка. Се слуша само чкрипењето на синџирите на лулашките кои ги ниша ветрот во сите правци. Чувството е надреално, како да не ми се случува мене.

Никогаш во животот не сум бил потажен и поуплашен. Секој ден ми е ист: будење, настава пред компјутер, пишување домашни задачи повторно пред компјутер, учење, тешење со другарите дека ова ќе мине и дека треба само уште малку да бидеме трпеливи…

Мечтаам за старите добри времиња кога со весели викотници ги исполнувавме училишните ходници, а наставничките божем со строг поглед нè опоменуваат и прекоруваат да не трчаме и да не креваме прашина. Знам дека и ние ним им недостасуваме колку и тие што ни недостасуваат нас. Не можам да замислам како е да се оди на работа низ тие големи празни ходници во кои чекорите силно одекнуваат со празнина. Не ми се верува дека ќе кажам, но едвај чекам да се вратам во училишната клупа, да ги извалкам рацете со белата креда и да пишувам на зелената табла.

Секое утро се трудам да најдам нешто убаво, нешто позитивно, нешто што ќе ми даде надеж за новиот ден. Секое утро си велам дека од денес ќе биде подобро, ќе почнеме да слушаме охрабрувачки и позитивни вести, дека пандемијата почнува да тлее и конечно ќе згасне, а ние повторно ќе ги наполниме игралиштата со детски џагор и смеа.

Мојот живот за време на пандемија – Алексеј Стојановиќ

Авторски текст на основецот Алексеј Стојановиќ

Слични написи

Зошто е важно да читате со вашите деца

Biba

Препознајте ги раните знаци на дислексија уште на предучилишна возраст

Biba

Како да препознаете контрол фрик

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.