Здравје

Колку вода ви треба во текот на денот?

60% од нашето тело се состои од вода. Секојдневно губиме вода преку физиолошките процеси дишење, уринирање, потење. Оваа изгубена вода треба во текот на денот да ја надополнуваме. Но, колку, всушност, вода ни треба во текот на еден ден?

Многу експерти велат дека се потребни осум чаши вода дневно (што е приближно два литра). Ова е едноставно правило за паметење. Од друга страна, некои здравствени експерти тврдат дека треба постојано да пиеме вода во текот на денот, дури и кога не сме жедни.

Но, како и сè друго, потребата за вода е индивидуална и зависи од многу фактори: возраст, активности во текот на денот, хронични заболувања, климата во која живеете, надворешната температура, состојбата на самиот организам (болест, бременост, доење…).

Зошто е важна водата?

Без доволно вода, телото и органите не можат правилно да функционираат бидејќи водата:

  • ја одржува телесната температура во нормални вредности
  • ги подмачкува зглобовите
  • ги штити меките ткива
  • помага за исфрлање на отпадот преку урината, изметот и потта
  • ја штити кожата (кожата изгледа поздраво)
  • влијае на нивото на енергија
  • влијае на метаболизмот

Направени се многу студии кои ја покажуваат важноста на водата. Едно истражување покажало дека загубата на вода за 1,37% го намалува расположението и концентрацијата и ја зголемува зачестеноста на главоболките. Оваа загуба на вода може да биде предизвикана од вежбање или изложеност на топлина.

Две други интересни студии покажуваат дека пиењето 500 мл вода може привремено да го забрза метаболизмот за 24-30%. Покрај тоа, може да биде корисно да се внесува и ладна вода, бидејќи телото ќе користи дополнителна енергија за да ја загрее таа вода до температурата на телото.

Пиењето 500 мл вода пред секој оброк може да го намали бројот на калории што ќе ги внесете за време на тој оброк. Студијата покажала дека оние кои биле на диета и консумирале 500 мл вода пред секој оброк, изгубиле 44% повеќе килограми од групата која не пиела вода пред оброците.

Дехидрација

Дехидрација се јавува кога губите повеќе течност отколку што внесувате во вашето тело. Ако сте дехидрирани, се чувствувате многу жедни, уморни сте, се намалува излачувањето на течност преку урината, а урината станува темна. Дехидрацијата може да доведе до расеаност, промени во расположението, запек, создавање камчиња во бубрезите и друго.

Дали само водата влијае на хидратацијата?

Не. Други пијалаци и храната, исто така придонесуваат за хидратација. Многу намирници што ги внесувате во текот на денот содржат вода. Сигурно сте слушнале дека напитоците со кофеин (кафе и чај) не придонесуваат за хидратација на организмот поради нивното диуретично дејство. Тоа е мит. Нивниот ефект врз исфрлањето на течноста е многу слаб. Потоа, месото, рибата, јајцата, особено овошјето и зеленчукот имаат висока содржина на вода.

Колку вода ви треба најдобро ќе ви каже чувството за жед. Притоа, не заборавајте за зголемените потреби при вежбање, во услови на висока температура, повраќање, дијареа…

Слични написи

Колку е безбедно да се изеде храна што паднала на под

Biba

Работењето во смени е опасно за здравјето

Biba

Важноста на витамините А и Д за доенчињата

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.