Наука

Зошто да се опкружите со повеќе книги отколку што некогаш ќе имате време да прочитате

Доживотното учење ќе ви помогне да бидете среќни, да заработите повеќе, па дури и да останете поздрави, велат експертите. Освен тоа, многу од најпаметните имиња во бизнисот, од Бил Гејтс до Илон Маск, тврдат дека најдобар начин да станете попаметни – е да читате. Логично, се наметнува заклучок дека треба да одиме во книжарници и да купуваме многу книги.

Меѓутоа, животот е брз, времето кратко, желбите и намерите се една работа, а можностите нешто сосема друго. Наскоро, полиците ни се преполни со наслови кои планираме еден ден да ги прочитаме, или со книги кои сме почнале да ги читаме, а од разни причини сме ги оставиле, па имаме чувство дека нашиот проект да станеме попаметни и помудри доживеал катастрофа.

Дали е навистина така?

Ако никогаш не наоѓате време да прочитате ниту една книга, тогаш – да. Можеби би било добро да истражите трикови како во вашиот хаотичен живот да вметнете време за читање и зашто се исплати секоја недела да посветите неколку часа на учење.

Но, ако едноставно вашата динамика на купување книги не се совпаѓа со динамиката на нивно читање, тоа се добри вести за вас: вашата преполна библиотека не е знак за незаинтересираност или незнаење, туку нешто со кое треба да се гордеете.

Зошто ви е потребна “антибиблиотека”?

За ова тврдење авторот и статистичар Насим Николас Талеб пишува во неговиот бестселер “Црниот лебед”. Тој своите размислувања ги започнува со анегдотата за легендарната библиотека на италијанскиот писател Умберто Еко, која има неверојатни 30 000 книги.

Дали Еко ги прочитал сите тие книги? Се разбира дека не, но тоа не му ни била целта кога се опкружувал со толку големо потенцијално – кое допрва треба да го открие – знаење. Со тоа што му обезбедила константен потсетник за сите работи кои не ги знае, Екоовата библиотека го задржала неговиот интелектуален глад и постојана љубопитност. Колекцијата од книги која постојано расте може да го направи истото и за вас.

“Приватната библиотека не е додаток за јакнење на егото, туку истражувачка алатка. Прочитаните книги имаат далеку помала вредност отколку непрочитаните. Библиотеката треба да има онолку многу знаење кое сè уште не го поседувате, колку што тоа го овозможуваат вашите финансиски средства. Со текот на годините ќе акумулирате многу знаење и книги, а сè поголем број книги од вашите полици заканувачки ќе ве гледа. Се разбира, колку повеќе знаете, толку повеќе ќе расте и бројот на вашите непрочитани наслови. Да ја наречеме таа колекција на книги – антибиблиотека”, пишува Талеб.

Антибиблиотеката е моќен потсетник за вашите ограничувања – огромно количество на нешта кои не ги знаете, ги знаете половично или за кои еден ден ќе откриете дека всушност не сте ги знаеле, а сте мислеле дека ги знаете или сте имале погрешно мислење за нив. Живеењето секој ден со таков потсетник може да предизвика интелектуална скромност која го подобрува носењето одлуки и го поттикнува учењето.

“Луѓето не се шетаат наоколу со антирезимеа за да ви кажат што сè уште не научиле или не доживеале (тоа е работа на нивните соперници), но би било добро кога би го правеле тоа”, вели Талеб.

Зашто? Па, можеби затоа што е општопознат психолошкиот факт дека најнекомпетентните и најнеспособните се оние со највисока самодоверба, а најинтелигентните се оние кои најмногу се сомневаат во себе. Ова во психологијата се нарекува Данинг-Кругеров ефект. Исто така е добро утврден факт дека колку посигурно признавате дека нешто не знаете, толку побрзо учите.

Затоа, не се обвинувајте себеси ако купувате премногу книги или ако имате листа на книги кои чекаат да бидат прочитани, а нема да го постигнете тоа ни да живеете три животи. Сите тие книги кои не сте ги прочитале се навистина знак за вашето незнаење. Но, ако сте свесни колку работи не знаете, тогаш сте далеку пред огромното мнозинство други луѓе.

Слични написи

Зошто не треба да ги убивате пајаците во вашиот дом

dart

Новогодишна честитка од Марс

Biba

Климатските промени си го прават своето – таму каде што беше мраз, сега е вода

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.