Психологија

Заблуди поврзани со анксиозноста

Анксиозноста е најчестото ментално нарушување, но многу луѓе го потценуваат или погрешно го разбираат. Вообичаени заблуди се дека анксиозноста ретко се појавува и дека не е доволно сериозна за да се лекува. Ова не е вистина. Во Европа секоја година 25% од популацијата страда од депресија или анксиозност. Над 50% од нив не добиваат никаков третман. И покрај тоа што е многу распространета, има многу митови за анксиозноста кои можат да создадат стигма и да спречат да се побара помош. Затоа е многу важно да се направи разлика помеѓу заблудите и фактите поврзани со анксиозноста.

Ова се најчестите заблуди за анксиозните нарушувања и фактите за нив:

  • Заблуда: Анксиозноста не е вистинска болест.

Факт: Анксиозноста е легитимна психијатриска состојба која може да се дијагностицира. Некогаш анксиозноста е природна и дури може да биде корисна. Се јавува пред испити, јавни презентации или на интервју за работа итн. Често пати се појавува кога правиме нешто ново и непознато, и во овие случаи може да нè мотивира. Природната анксиозност се смета за нарушување кога почнува да го попречува нормалното функционирање во секојдневниот живот. Не само што може да предизвика бихејвиорални и психолошки симптоми, туку може да предизвика и физички симптоми. Тие вклучуваат: стомачни тегоби, вртоглавица, тахикардија, болка во градите, отежнато дишење, главоболки, мускулна напнатост и несоница.

  • Заблуда: Единствениот начин за лекување на анксиозноста е со лекови.

Факт: Постојат многу начини за лекување на анксиозните нарушувања. Иако најчесто се препорачуваат лекови за третман на анксиозност, тие само привремено ги смируваат симптомите, но не ја решаваат причината за проблемот. Затоа е потребно лицето да се вклучи во индивидуална или групна психотерапија, која прави трајни промени во личноста: го менува начинот на размислување, ставовите, однесувањата, верувањата, вклучува стратегии за решавање проблеми.

  • Заблуда: Кога некој има анксиозно растројство, тоа е очигледно.

Факт: Анксиозноста често не може да се забележи. Иако анксиозноста е крајно исцрпувачка за оние кои страдаат од неа, често пати луѓето околу нив не забележуваат ништо поради чувство на срам, користење стратегии за да не се покажат симптомите, избегнување ситуации кои предизвикуваат анксиозност, анксиозност која се јавува во специфични ситуации. Понекогаш, симптомите на анксиозност се психолошки и може да не се манифестираат како физичка реакција, видлива паника или очигледна вознемиреност. Некои луѓе се чувствуваат вознемирено поради тоа што нивните симптоми ќе бидат забележани или посочени од други, па напорно работат за да ги сокријат.

  • Заблуда: Социјалната анксиозност е исто што и срамежливост.

Факт: Срамежливоста и социјалната анксиозност можеби некому изгледаат слично, но многу се разликуваат. Срамежливоста и интровертноста се црти на личноста, а социјалната анксиозност е растројство. Социјална фобија вклучува постојан страв од социјални ситуации или екстремна грижа за тоа како изгледаме кога сме во друштво. Луѓето што имаат социјална анксиозност се целосно преокупирани со стравот дека ќе се засрамат себеси или ќе бидат под лупа од другите и поради тоа често ги избегнуваат социјалните ситуации или доживуваат екстремна вознемиреност и паника. Клучната разлика помеѓу срамежливоста и социјалната анксиозност е нивото на доживеаната вознемиреност.

  • Заблуда: Анксиозноста ќе помине сама по себе.

Факт: Симптомите на анксиозност се постојани и обично бараат третман за да се смират. Во некои ситуации или фази од животот може да се зголеми нивото на анксиозност. Спротивно на тоа, има периоди кога некој со анксиозно растројство може доживее намалување на симптомите и да се врати на своите редовни активности. Ова може да изгледа како лицето со анксиозност да го нема повеќе ова нарушување или дека неговите симптоми се „излечени“. Сепак, анксиозните нарушувања можат да бидат хронични и постојани, и ако не се третираат правилно голема е веројатноста симптомите на анксиозност да се вратат.

  • Заблуда: Луѓето со анксиозност треба да избегнуваат стресни ситуации.

Факт: Стресот е неизбежен; третирањето на анксиозноста може да им помогне на луѓето поефикасно да се справат со стресните ситуации. Kај луѓето кои страдаат од анксиозност често има одредени предизвикувачи кои можат да ги зголемат нивните симптоми или да доведат до чувство на паника. Тие може да бидат: личен или професионален конфликт, некои социјални ситуации, одредени фобии, зборување во јавност, стравови поврзани со здравјето, страв од смрт. Стресните ситуации можат да бидат крајно непријатни за лицата што страдаат од анксиозно растројство. Иако може да изгледа корисно да се избегнуваат, во реалноста ова тешко се постигнува. Стресните ситуации се животен факт, а важен дел од контролирањето на анксиозноста е учењето ефективни стратегии за справување со неа во стресни ситуации.  Избегнувањето на стресни ситуации може да влијае на способноста на личноста нормално да функционира во секојдневниот живот. Од друга страна, пронаоѓањето ефективни начини за справување со стресот може да го подобри здравјето и квалитетот на животот.

Слични написи

Како да препознаете контрол фрик

admin

Пасивното пушење влијае на психичкото здравје

Biba

Децата на депресивните трудници почесто страдаат од нарушувања во однесувањето

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.