Здравје

Држењето рестриктивна диета не е баш добра идеја

 

Една од најчестите новогодишни одлуки е – ќе ослабам! Иако експертите постојано повторуваат дека гладувањето не е решение за намалување на килограмите затоа што е нездраво, а изгубените килограми редовно се враќаат, повеќето луѓе кога ќе решат да ослабат – ги одбираат токму тие радикални методи. Дури и ако се работи за кратко време, гладувањето е вистински удар за телото. Исхраната се состои од три дела: внесување храна, апсорпција и искористување на хранливите материи кои се неопходни за раст, развој и виталност на организмот.

За слабеење е потребен труд

Ако не внесувате доволно хранливи материи, ви се заканува опасност од нутритивна потхранетост. Целта на разновидната исхрана е одржување на организмот во добра здравствена кондиција, што ни овозможува секојдневно да функционираме и да ги издржиме сите физички и психички напори. Луѓето се оптоварени со изгледот затоа што се убедени дека ако изгледаат убаво, тоа ќе ги направи среќни и ќе им гарантира успех на сите животни полиња.

Водени од вакво размислување, се впуштаат во рестриктивни диети кои нудат брзо губење на телесна маса. Токму таквите диети се сиромашни со енергија и со важни нутритивни состојки, па го присилуваат човекот на гладување, т.е. на однесување кое е спротивно на дефиницијата за диета. Според таа дефиниција, диетата е процес кој трае, бара трпение, труд и соодветна физичка активност, како и стручно испланирана правилна исхрана.

Режим на гладување

Губењето на килажата со гладување најмногу влијае на цревата и на црниот дроб, потоа на бубрезите и на срцето, и на крај на нервниот систем. Гладувањето е многу рестриктивна прехрана која го присилува телото да го смени режимот на работа во таканаречениот режим на преживување или режим на гладување (“starvation mode”). Тоа значи дека сите други функции во организмот, освен функцијата на мозокот, се сведени на минимум, односно, нашиот базален метаболизам (минимум потребна енергија за дневно одржување на телесните функции) привремено се зголемува, а потоа нагло паѓа, и тоа за 25-35%.

Таквиот начин на исхрана има бројни негативни последици. Во почетокот на гладувањето се губи телесна маса најпрво со намалување на залихите на масно ткиво, а потоа и на мускулно ткиво. Колку е гладот поголем и колку подолго трае, остава повеќе негативни последици на телото. Трошењето на мускулната маса како извор на енергија постепено доведува до успорување на сите функции во организмот.

Некои од негативните последици од долготрајното гладување се намалено лачење хормони, разорување на мускулите, нарушување на работата на срцето (и срцето е мускул) и на дигестивните органи, нарушена функција на централниот нервен систем, склоност кон инфекции заради намалување на имунитетот и други.

Негативни последици од рестриктивните диети

За жал, таквиот пад на базалниот метаболизам и многуте негативни последици од гладувањето не ги разбираат ниту повеќето креатори на брзите диети, ниту пак нивните корисници. Штом се почне со нормално јадење по прекинувањето на рестриктивната диета, телесната маса нагло расте.

Друга негативна последица од таквите изразено интензивни диети, е дефицит на микронутриенти (витамини и минерали), што предизвикува бројни болести. Значи, ако сте повеќе гладни отколку сити, тоа набрзо може да го наруши вашето здравје. Заради гладувањето настануваат проблеми со дишниот систем: се намалува капацитетот на белите дробови и се успорува дишењето. Во дигестивниот систем се намалува создавањето на желудечна киселина, чија една од најважните задачи е да ги неутрализира бактериите кои ќе стигнат од надвор.

Со гладување се намалуваат тестисите и јајниците, а страда и либидото. На кардиоваскуларниот систем влијае така што драстично го намалува крвниот притисок и ги намалува срцевите отчукувања. Исто така, ослабнува мускулниот систем, па секојдневната работа и вежбањето стануваат напорни. Заедно со сето тоа, се чувствуваме раздразливо и исцрпено.

Од сето наведено, јасно е дека не постои телесен систем којшто не е афектиран од гладувањето.

 

Слични написи

Навики кои лошо влијаат на детското здравје

admin

Што е млечна маст и што значат процентите масленост на пакувањето на млекото?

Biba

Зошто ни е потребен магнезиумот

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.