Здравје

Долгото седење го зголемува ризикот за добивање рак

 

Жените кои поминуваат во седење подолго од шест часа дневно, се изложуваат на поголем ризик од здравствени проблеми и прерана смрт.

Ако сте меѓу оние кои поминуваат повеќе од шест часа во седење, таквото однесување може да ве чини здравје, посебно ако сте жена. Експерти од Американското здружение за рак направиле истражување чии резултати сугерираат дека жените кои седат подолго од шест часа на ден (гледаат телевизија, сурфаат на интернет, читаат), припаѓаат на групата луѓе со повисока стапка на смртност. Притоа, не е важно дали вежбаат – сè додека седат долго, ризикот останува ист.

Претходни истражувања веќе покажаа поврзаност на седењето со дебелината, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести и нездрава исхрана. Во ова последно истражување биле опфатени над 146 илјади луѓе, од кои 77 462 биле жени, а 69 260 мажи. Жените биле следени во просек 15,8 години, а мажите 13,2 години. Истражувањето покажало дека постои врска помеѓу седењето и повисоката стапка на смртност.

Според резултатите на студијата, жените кои секој ден седат подолго од шест часа, имаат 65 % поголеми шанси да заболат од мултипен миелом, 43 % од рак на јајниците, 10 % од инвазивен рак на дојка и 10% од кој било вид на рак, отколку оние кои седат помалку од три часа. Кај мажите не била пронајдена поврзаност на долгото седење со развивање рак, освен кај дебелите мажи. Ниту еден од испитаниците немал канцер на почетокот на истражувањето.

Алпа Пател, коавтор на истражувањето, вели дека седењето има директно влијание на метаболичките процеси – се пореметува крвниот притисок, се менува нивото на холестерол во крвта, се зголемува ризикот за дебелина и здравствените проблеми поврзани со дебелината. Со оглед на тоа што голем дел од популацијата го поминува времето во седење дома или на работа, Пател на луѓето кои водат таков стил на живот им советува почесто да стануваат, да се движат и урамнотежено да вежбаат.

Според неа, можат да се направат мали промени во животот кои ќе го скратат времето поминато во седење:

  1. Паркирајте подалеку од вашата дестинација, за да поминете извесно време во одење.
  2. Стојте додека зборувате на телефон.
  3. На работа кратките состаноци одржувајте ги со стоење наместо со седење.
  4. По собирањето на сувата испрана облека, здиплете ја стоејќи.
  5. На секој еден час седење направете пауза од 1-2 минути одење или стоење.

Американското здружение за рак препорачува возрасните да практикуваат најмалку 150 минути умерена или 75 минути интензивна физичка активност неделно, или комбинација од двете, распоредени во текот на целата недела, а да се намали времето поминато во седење.

 

Слични написи

Препораки од нутриционистите за време на топлите летни денови

Biba

Бруксизам – чкрипење со забите

Biba

Силиконските импланти за гради можат да доведат до рак

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.