Здравје

Во кој дел од денот телото троши најмногу калории?

 

Најновото истражување објавено во Current Biology, покажува дека метаболизмот не функционира исто за 24 часа и дека има периоди во денот кога телото согорува повеќе калории, без разлика дали мирува или е во некаква активност.

За да се снабди со енергија и правилно да функционира, на телото му се потребни калории. Тие се трошат без разлика на тоа што прави човекот. Најновото истражување покажува дека врз потрошувачката на калории силно влијае нашиот внатрешен часовник. Така на пример, додека мирно седите пред ТВ или со книга во доцните попладневни и раните вечерни часови, вашето тело троши 10 % повеќе калории отколку ако истото тоа го правите рано наутро.

За да дознаат нешто повеќе за внатрешниот капацитет за согорување калории, научниците спровеле истражување на седум лица. Испитаниците биле потполно изолирани во лабораториски услови, што значи дека не знаeле колку е часот или кој период е од денот. На секое лице му било кажано во кое време да оди на спиење, кога да се разбуди, а за период од три недели – колку што траело истражувањето – на секој од испитаниците тоа време му било поместувано секој ден за четири часа подоцна.

Нивните тела не можеле да се прилагодат на таквиот ритам, затоа што легнувале и станувале секој ден во различно време, па развиле сопствен образец. Истражувачите ја мереле метаболичката стапка во различен период од денот за да утврдат како телото се справува со трошењето на калории преку целиот ден.

Откриле дека метаболичката стапка била најниска за време на нивната биолошка “ноќ”, а највиска 12 часа подоцна, за време на биолошкото “попладне и вечер”.

“Фактот дека истата работа кога се прави во еден период од денот троши повеќе калории отколку кога се прави во друг период од денот – нè изненади”, вели водечкиот автор на истражувањето, Кирси-Марја Зитинг од Одделот за спиење и циркадијарни нарушувања во Бригам и болницата за жени, и Медицинскиот факултет на Харвард, од Бостон, Масачусец.

Џин Дафи, од групата истражувачи, додава дека не е важно само што јадеме, туку и во кој период од денот јадеме, кога одмараме, сето тоа влијае колку калории ќе потрошиме, а колку ќе се складираат во телото како масно ткиво. Таа уште вели и дека е многу важна редовноста во јадењето и во спиењето, не само за потрошувачката на калории, туку и воопшто за целокупното здравје на човекот.

Од сето наведено, може да се заклучи дека ако сакате да потрошите повеќе калории, најдобро е да вежбате и да се занимавате со физички активности доцна попладне или рано навечер.

 

Слични написи

Калорични продукти кои треба да ги избегнувате ако сакате да имате рамен стомак

Biba

Пробиотиците заштитуваат од алергии, грип и непријатен здив

Biba

Заштитете ја кожата во деновите кога загаденоста на воздухот е превисока

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.