Автомобилизам

Британски автомобили што оставиле голема трага во историјата

Секој од автомобилите наведени во написот оставил длабок белег во автомобилската индустрија, така што ќе ги паметиме засекогаш заради исчекорите што ги направиле.

Негативците ќе речат дека автомобилската индустрија во Велика Британија повеќе не постои затоа што сите нивни брендови ги купија странски компании, но вистината не е баш толку црно-бела. Британците сè уште се горди на своите автомобили, особено на јагуар, ленд ровер, астон мартин, мекларен…

Исто така, не треба да се занемарува ниту влијанието во Формула 1. Дури седум од 10-те екипи во моментов кои се натпреваруваат во најелитното натпреварување имаат база во Велика Британија. Поточно: Хаас, Мекларен, Мерцедес АМГ, Форс Индија, Ред Бул, Рено и Вилијамс Ф1.

BMC Mini

Едноставно кажано – мини е еден од највлијателните автомобили во историјата! Дури и британскиот лејланд не успеа да го размрда неговиот успех. Речиси 5,4 милиони се продадени во текот на 41 година континуирано производство. Со одличен концепт, понуди многу простор во мали димензии. Поточно, дури 80 % од подот на автомобилот е оставен за патници и багаж. Исклучителната функционалност, чистото задоволство при возењето заради неговиот низок центар на гравитација и генијалниот дизајн, го прават неверојатно успешен на сите пазари.

Jaguar E-Type

Кога се славеше на Саемот за автомобили во Женева во 1961 година, дури ниту големиот Енцо Ферари не успеа да го скрие својот ентузијазам. Тој веднаш изјави дека јагуар е-тип е најубавиот автомобил во светот и ја задржа титулата до ден-денес, потврдувајќи го тоа повеќе пати на различни избори за најдобар дизајн. Се базираше на победникот на Ле Ман, јагуар д-тип, така што има софистицирана техника под заводливата каросерија. Со 265 коњски сили од 3,8-литарскиот бензински мотор и исклучително напредната суспензија, тој беше репер за сите тестови. Кога просечните автомобили не можеа да достигнат дури ни 150 км на час, јагуар е-тип се движеше со најголема брзина од 245 км на час.

Aston Martin DB5

Аристократското спортско купе стана познато на планетата откако ја имаше главната улога во филмот за најпознатиот светски таен агент Џејмс Бонд. Сите предуслови за влегување во легендата веќе беа таму, предводени од одличен 4-литарски 6-цилиндричен мотор кој развива 280 КС. Тој со леснотија постигнуваше дури 235 км на час. Land Rover Defender

Откако се докажа во најтешките можни услови за време на Втората светска војна, овој теренец развиен пред сè за воена употреба, почна да ги освојува љубителите на офроуд возењето. Секоја нова генерација беше подобра од претходната, а главната карактеристика на првиот модел беше исклучително едноставна и стабилна механика. Дури и да се скрши нешто, може брзо да се поправи на фронтовската линија. Во разни помалку развиени делови на светот ленд ровер беше првото моторно возило што го видело локалното население.

McLaren P1

Со ферари ла ферари и порше 918 спајдер, мекларен п1 беше главен играч во групата хибридни хиперавтомобили. Тоа беше сосема нов сегмент на автомобили, а п1 кој ги искористи многуте карактеристики на славниот мекларен ф1, го надмина врвот. Со комбинацијата на твин-турбо 3,8-бензински V8 и електричниот мотор, испорачуваше дури 904 КС. Сите 375 единици беа разграбани, а денес вреди повеќе отколку кога беше нов.

Слични написи

Во салонот на порше промовирана новата шкода скала

Biba

Mercedes-Benz X класата претворена во возило за кампување

Biba

Најубавиот BMW E9 Coupe е на продажба

dart

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.