Чоколадното млеко е подобро од спортските енергетски пијалаци

Млечниот напиток со вкус на чоколадо и ниска масленост побрзо ги заздравува оштетувањата на мускулите отколку специјализираните спортски напитоци, тврди истражување на Универзитетот Џејмс Медисон.

За време на истражувањето се покажало дека чоколадното млеко со ниска масленост понекогаш подобро делува на мускулите по напорот на кој се изложени за време на тренингот или спортските активности, отколку спортските енергетски пијалаци со ист број калории. Во некои случаи млекото се покажало и како подобро. Во истражувањето учествувале 13 студенти фудбалери кои вежбале нормално во текот на еден тренинг. Дел од нив, наместо енергетски пијалаци консумирале чоколадно млеко. По две недели пауза, спортистите поминале низ втора фаза на тренинзи, плус уште четири дена поинтензивно вежбање. Потоа ја споредувале брзината со која закрепнуваат мускулите кај двете групи.

Не се покажала разлика во спортската изведба, субјективната проценка на напрегањето на мускулите, менталниот и телесниот замор и останатите норми на мерење на оптоварување на мускулите. Но кога се работи за нивното оштетување, фудбалерите кои пиеле млеко поминале многу подобро. Кај нив нивото на креатинот киназа – индикатор за оштетеност на мускулите – било значително пониско. Тоа е јасен показател дека нискомасленото чоколадно млеко подобро ги поправа и побрзо ги заздравува мускулите од останатите напитоци.

Млекото содржи бројни состојки кои ги нема во вештачките пијалаци. Млечниот коктел од протеини и јаглени хидрати е идеален за полнење на мускулните батерии. Протеините го поттикнуваат регенерирањето на мускулните влакна и ја намалуваат можноста од повторни и полоши повреди. Тука се уште и калциумот, магнезиумот и многу други минерали кои спортистите редовно ги користат во додатоците затоа што им се потребни по напорните тренинзи и настапи.

Don`t copy text!