Храна која го победува стресот и лошото расположение

 

Луѓето изложени на стрес најчесто и лошо се хранат, што дополнително им ја влошува состојбата.

Напнатоста и стресот можат да бидат погубни за прехранбените навики, што може да се претвори во затворен круг на нарушено здравје. Секој човек кој е секојдневно изложен на стрес и притоа и лошо се храни – што речиси секогаш се случува – порано или подоцна може да очекува здравствени проблеми.

Правилната и здрава исхрана може да биде првиот чекор во враќањето на вистинскиот пат, а може да ги намали и симптомите на анксиозност и нејзините непријатни последици. Храната која се бори со стресот не е ниту посебна ниту скапа, па треба да се стави на пописот на редовни намирници, без разлика дали страдате од стрес или не.

Иако секоја храна влијае позитивно на здравјето, следните намирници содржат состојки за кои се знае дека им помагаат на умот и на телото да се одбранат од стресот и од лошото расположение.

Овесна каша. Оваа прастара храна го помага призводството на серотонин, кој е уште наречен и хормон на среќата. Овесот го продолжува делувањето на серотонинот, а може да го консумираат и дијабетичари затоа што не го менува нивото на шеќер во крвта.

Млеко со ниска масленост. Истражувањата покажуваат дека жените кои четири или повеќе пати неделно пијат обезмастено млеко или млеко со ниска масленост, имаат двојно повеќе шанси да го избегнат стресот поврзан со ПМС, отколку оние жени кои пијат млеко помалку од еднаш неделно. Впрочем, сите знаеме дека чаша топло млеко навистина смирува и опушта.

Темно чоколадо. Содржи висока количина на флавоноиди кои му помагаат на телото да се опушти. Уште еден одличен извор на флавоноиди е и чајот од камилица. Темното чоколадо, најдобро она што содржи 70% и повеќе од тоа какао, има повеќе состојки кои го поправаат расположението, ако веќе самиот вкус на чоколадото не го направи тоа.

Семки од сончоглед. Одличен извор на фолна киселина која му помага на организмот да произведе допамин – хормон на задоволството и доброто расположение, но и еден од клучните хормони за нормално функционирање на телото.

Ореви. Оревите се добри за спуштање на крвниот притисок, а тоа им е неопходно на луѓето кои се под константно дејство на адреналин, па срцето им е под постојан притисок. Заради својата корисност, нутриционистите препорачуваат секојдневно да се консумираат околу 40 грама ореви.

Боровинки. Освен што ги спречуваат воспалителните процеси, антиоксидантите од боровинките се добра противтежа на ефектите на кортизолот, хормонот на стрес.

Зелен зеленчук. Истражувањата покажуваат дека магнезиумот, кој може да се најде во зелениот лиснат зеленчук (спанаќ, ќељ, брокула, блитва), го подобрува одговорот на телото на стресот.

Лосос. Месото од риба, особено лососот, е богато со омега 3 масни киселини, кои го покачуваат нивото на серотонин и на тој начин се борат со штетното влијание на стресот. Со други зборови, омега 3 киселините можат ефективно да го сузбијат производството на кортизол и адреналин, кои се одговорни за лошото расположение и чувството на тегобност. Ако не јадете месо, во една кафена лажичка ленено семе има доволно количина која ги задоволува дневните потреби од омега 3 масни киселини.

Наведените намирници се исклучително корисни и здрави, и тоа не само во борбата против стресот, но не се волшебни. Затоа мора да се потрудите да најдете начин да се справите со стресот не само преку храната, туку и во другите аспекти на вашиот живот.

 

Забрането е копирање на текстот!