Фиоката за овошје и зеленчук е најопасното место во фрижидерот, со дури 780 пати повеќе бактерии од количината која се смета за безбедна. Најчести бактерии во фрижидерот се ешерихија коли, салмонела и листерија.
Тестови од примероци од просечни домаќинства покажуваат дека секој фрижидер има 7850 бактериски колонии на квадратен сантиметар, а во некои домови се пронајдени дури 129 000. Ако земеме предвид дека 10 бактериски колонии на квадратен сантиметар се сметаат за безбедни, овие податоци се алармантни.
“Функцијата на фрижидерот е да ја зачува храната во нормална и здрава состојба. Тоа значи да го намали нивото на бактерии и мувла, така што овие податоци се загрижувачки затоа што постои проблем”, велат истражувачите.
Тие додаваат дека многу е важно фрижидерот да работи исправно кога надворешната температура е висока, зашто тогаш е најпогодно време за ширење на бактерии.
Некои од истражувачите сметаат дека причината за проблемот е многу едноставна, а тоа е дека луѓето не ги чистат своите фрижидери, или не ги чистат правилно. Тие велат дека понекогаш е доволно полиците и преградите да се пребришат со влажна крпа и малку лимонов сок.