Вести

Уште три нови „Роса школи за родителство“ во Струмица, Охрид и Куманово

 

Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola преку Роса, заедно со Министерството за здравство ќе отворат уште три нови Роса школи за родителство до крајот на годинава. На прес-конференцијата која се одржа денес во просторијата на Роса школата во Поликлиниката „Јане Сандански“, Пивара Скопје и Министерството за здравство потпишаа и Меморандум за соработка и најавија продолжување на проектот и во 2020 г. со отворање на повеќе Роса школи за родителство и во други градови во Македонија.

Со годинешното отворање на Роса школите во ЈЗУ „Здравствен дом Струмица“ и во општите болници во Охрид и во Куманово, на идните родители од овие градови ќе им биде на располагање стручен тим за поддршка и помош во текот на бременоста и првите родителски години. Со отворањето на трите нови школи, во употреба ќе бидат вкупно шест Роса школи, а до крајот на 2020 во здравствените домови во повеќе градови низ земјата на располагање ќе бидат вкупно девет Роса школи.

На денешниот настан свое обраќање имаа премиерот, министерот за здравство и генералниот директор на Пивара Скопје, кои го изразија своето задоволство за продолжување на проектот, но и ја истакнаа важноста од ваков тип на неформални обуки за сите идни родители.

„Чест ми е што имам прилика да го најавам продолжувањето на проектот ‘Роса школи за родителство’, со кој верувам дека Пивара Скопје како општествено одговорна компанија навистина успева да направи чекор повеќе и да отвори сосема нова можност за сите идни родители. Минатата година рековме дека нашата заложба е ‘Роса’ школите да продолжат да живеат и во наредните години, па така денес со гордост можам да кажам дека ми е исклучително драго што овој проект навистина преминува во долгорочен и на крајот на 2020 на располагање ќе имаме вкупно девет Роса школи за родители. Голема благодарност до Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство што повторно ја увидоа нашата искрена мисија за вложување во добросостојбата на сите граѓани“, изјави Дан Тимотин, генерален директор на Пивара Скопје.

Генералниот директор Тимотин уште еднаш ја потврди заложбата на Пивара Скопје за развој на економијата и најави капитални инвестиции и во други области во текот на 2020 г., со вкупна вредност од 10 милиони евра.

Сите простории во здравствените домови наменети за „Роса“ школите, инаку се комплетно реновирани и опремени од страна на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola, од средства собрани преку претходно спроведената шестмесечна кампања во која се издвојуваше по еден денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 л. Во овој партнерски проект, Министерството за здравство ги одредува здравствените домови каде најмногу има потреба од ваков тип на школи за идни родители и го обезбедува стручниот тим кој ќе ги спроведува обуките. Овој тим е составен од доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, педијатрија, како и медицински и патронажни сестри.

„Сакам да изразам голема благодарност затоа што означуваме продолжение на еден навистина успешен проект, којшто даде на некој начин една нова димензија во означувањето и поддршката на мајчинството преку организирање на овие родителски школи. Веќе се отворени три ‘Роса’ школи, во Скопје, Битола и Гостивар, а денеска го означуваме и почетокот на новите школи во Струмица, Куманово и Охрид. Во овие школи за родителство со помош на искусен стручен тим, идните родители учат како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат со новите улоги како идни мајки и татковци“, изјави доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство.

„Пивара Скопје е компанија која негува сериозна општествена одговорност, а иницијативата за овој проект ‘Роса школи за родителство’ потекнува токму од нив. Ја поздравувам аспирацијата покрај школите за родителство во Скопје, Гостивар и Битола, да бидат отворени и во Струмица, Охрид и Куманово. Го поздравувам Mеморандумот со кој продолжува соработката меѓу Министерството за здравство и Пивара Скопје за отворање на уште три нови школи за родителство и во 2020, но ја поддржувам и капиталната инвестиција, вредна 10 милиони евра, што ја најави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин. Ние сме земја која е фокусирана на економијата и знам колку е важна оваа инвестиција со која технолошки се развива Пивара Скопје. Со таа инвестиција се развива и нашата држава и Пивара Скопје може да смета и понатаму на нашата поддршка, затоа што ние сме тука да им служиме на граѓаните, но и на компаниите“, рече премиерот на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев.

Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во 5 тематски целини кои опфаќаат родителство, здрави стилови при бременоста, психофизичка подготовка, доење и нега на новороденчето, а трудниците и сите  заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се пријавуваат директно во здравствените домови.

Проектот „Роса школи за родителство“ започна во 2018 година, кога свои „Роса“ школи добија Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, Општата болница во Гостивар и Клиничката болница во Битола, а од Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola преку Роса најавуваат продолжување и во наредните години во нови градови низ целата територија на државата.

 

 

Слични написи

Почнува новата сезона на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“

admin

Во петок стартува новата сезона на Аква паркот во Скопје

Biba

Златно славејче, ЏП и Стефонатор, RHCP Real tribute и 2 Бона на Summerland

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.