Трикови за идеално фенирање на косата

 

Трикови кои ги користат стилистите за фризурата да изгледа одлично и да ја задржи формата подолго време:

  • Правилно измијте ја и исплакнете ја косата. Ако не ја исплакнете темелно по нанесувањето на шампонот и регенераторот, косата ќе биде млитава и производите за обликување на фризурата нема да ја завршат својата работа. Секогаш темелно плакнете ја косата, најмалку 90 секунди под млаз вода. Освен сушењето, за додавање волумен важно е и правилно да го користите регенераторот. Нанесете мала количина регенератор од половина на косата кон долу и на врвовите, каде што регенераторот е најпотребен. Премногу регенератор во коренот ќе ја направи косата млитава и безживотна.
  • Подгответе ја косата за фенирање. Многу е важно да го одберете вистинскиот производ за вашиот тип на коса. Прво со пешкир впијте го вишокот на вода и потсушете ја косата. На овој начин нема да ја сушите целосно со фен и нема да ги разредите производите за обликување на фризурата. Исчешлајте ја косата и нанесете пена ако имате тенка коса, лосион за стилизирање ако имате виткана коса, а серум ако имате густа коса.
  • Одберете соодветна четка. Кога ја обликувате косата со користење на фен, пресуден е изборот на четката која ја користите. Ако имате права коса, четката од природни влакна ќе ја одржи косата мазна. Со плосната четка ќе додадете волумен на тенката коса, затоа што широко поставените влакна на четката дозволуваат проток на воздухот и додаваат волумен. Со голема округла четка може да ја израмните косата ако ви е виткана. Меѓутоа, ако сакате разиграни локни, тогаш воопшто и не ви е потребна четка: употребете ги прстите и додатокот на фенот со дифузер.

 

 

  • Разделете ја косата на прамени. Овој трик многу го олеснува сушењето. Со шноли или штипки за коса тргнете ги прамените кои не ги сушите. Потоа исушете го прво долниот слој на косата насочувајќи го струењето на топлиот воздух од фенот кон долу, односно, движете го фенот одозгора надолу следејќи ја четката.
  • Зацврстете ја фризурата. По обликувањето на посакуваната фризура, на косата ѝ треба помош за да ја задржи таа форма. Малку восок и на правата и на витканата коса ќе им даде дополнителен сјај. Ако имате тенка коса, волуменот можете да го задржите така што ќе ја зафрлите косата кон напред и со лак ќе го испрскате коренот на косата. Локните ќе ви траат подолго ако ги зацврстите со зацврстувач во спреј.

 

Забрането е копирање на текстот!