Денес, на каналот на Балкатон на „Јутјуб“ беше промовирано новото видео и песна на Драган Величковски Тајзи, со наслов „Сине“
За овој проект, Тајзи вели дека е круна на неговата десетгодишна кариера, а последните спотови во режија на Даниел Јовески изгледаат светски. Текстот е на Тајзи, а заедно со еден од нашите најдобри продуценти, Лазар Цветковски, ја направија музиката.
„Спотот е вистинско мало ремек-дело. Ќе ве наежи и ќе ве замисли во каква сурова реалност живееме и каква борба нè чека во животот“, вели Величковски за видеозаписот за „Сине“.
Сниман е на повеќе локации, во Куклици (Кратово), тврдината Зебрњак, и во боксерските клубови од Куманово и Скопје. Шминката на Андријана Станковска го трансформираше Тајзи во старец, а продукцијата Балкатон од Србија го најави видеото како нешто што дефинитивно ќе ги помести границите и дека им е многу мило што имаат ваков талентиран артист во своите редови.