Психологија

Социјална анксиозност

За некои луѓе е вообичаено да бидат срамежливи кога се изложени на непознати околности и нови познанства. Во такви моменти срамежливите личности се чувствуваат вознемирено и чудно во друштво на други и често пати им е непријатно кога треба да зборуваат со некого. Ова чувство се намалува кога поминуваат подолго време во истиот круг на луѓе и кога подобро ќе ја запознаат својата околина. Во случаевите кога срамежливоста станува онеспособувачка и влијае негативно на животот, и кога имате потешкотии да се вклучите во која било социјална ситуација или во ситуации каде што ќе бидете опкружени со други луѓе, тогаш веројатно страдате од еден посебен вид на анксиозност наречен социјална ансксиозност или социјална фобија.

Наједноставно кажано, социјалната фобија претставува парализирачки страв од интеракција со други луѓе. Луѓето што страдаат од ова нарушување стравуваат од мислењето на другите, се плашат дека ќе бидат критикувани, осудувани и отфрлени. Не се за занемарување ни телесните симптоми кои притоа се доживуваат, а кои уште повеќе ја влошуваат состојбата, како што се црвенеење на лицето, треперење, тахикардија, мускулна тензија, мачнина во стомакот, засилено потење, неодложна потреба да се оди во тоалет, блокирање на мисловните процеси, вртоглавица, итна потреба да се напуштат местото и ситуацијата.

Стравовите кои се доживуваат во тој момент се дека личноста на другите ќе им изгледа чудно, несоодветно, некомпетентно, глупаво, страв дека ќе им биде досаден на другите или дека ќе изгледа засрамено. Вообичаени ситуации во кои се активира социјалната фобија се: запознавање на нови луѓе, зборување во јавност, зборување со непознати, јадење и пиење во јавност, држење говор пред публика, кога треба да го искажеме сопственото мислење, одење во јавен тоалет, одење на забава, зборување со личноста која нè привлекува, кога сме центар на внимание, кога сме набљудувани додека работиме нешто, кога зборуваме на телефон, кога користиме јавен превоз и други. Првата реакција на личноста е да избега или да ја напушти ситуацијата која ја доживува како потенцијално заканувачка. Затоа луѓето кои страдаат од ова нарушување се често пати тивки, затворени, фокусирани на себе, избегнуваат контакт со очи, не гледаат во другите луѓе, ги напуштаат порано или целосно ги избегнуваат ситуациите кои ги плашат, се обидуваат да не привлечат внимание на себе.

Огромен број од луѓето со социјална фобија, страдаат, исто така и од депресија. Депресијата се карактеризира со постојана нерасположеност, губење интерес за работите кои порано носеле задоволство, чувство на безнадежност, чувство на безвредност и голем број физички симптоми кои вклучуваат нарушување на спиењето и во исхраната.

Луѓето кои страдаат од социјална фобија често пати го злоупотребуваат алкохолот или користат лекови за смирување, мислејќи дека така ќе ја олеснат анксиозноста што ја чувствуваат, што претставува дополнителен проблем за нив.

Социјалната анксиозност, како и другите анксиозни растројства, успешно се третираат и можат целосно да се надминат со психотерапија, работа на себе и трпение. Во некои случаи психотерапијата се комбинира со медикаментозна терапија. Лекувањето само со медикаментозна терапија (анксиолитици и антидепресиви) се покажува како неуспешно без соодветна психотерапија која оди паралелно со лековите. Како најефикасна за ова растројство се препорачува когнитивно-бихејвиоралната терапија, која трајно ги менува невралните патишта во мозокот.

Слични написи

Како влијаат на здравјето познанствата со луѓе на високи позиции

Biba

Лутината е поштетна за здравјето на постарите луѓе отколку тагата

Biba

Препознајте ги раните знаци на дислексија уште на предучилишна возраст

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.