Синдром на прегореност (burn out): како да го препознаете

Синдромот на прегореност обично се јавува како реакција на пролонгиран хроничен стрес на работното место, но може да биде поврзан и со приватниот живот, со семејството, воопшто со стресното живеење под константен притисок.

Овој синдром не може едноставно да се објасни како екстремна исцрпеност. Кога сте навистина “прегорени” го правите само она што ви е неопходно за преживување. Дури ни редовниот годишен одмор не може да ве освежи и да ви ги обнови силите. Го губите интересот не само за работата, која е најчесто причината за ваквото чувство, туку и за речиси сите останати активности и аспекти од животот. Не наоѓате задоволство во ништо. Забавата не ви е повеќе забавна, секоја ситница ви пречи, се чувствувате несреќно без да ја знаете вистинската причина за тоа.

Кои се најголемите знаци дека страдате од синдромот на прегорување?

Се чувствувате сериозно истоштено и исцрпено, наутро едвај станувате. Немате никаква желба да правите ништо што бара од вас и најмал напор. Самата помисла дека треба да одите на работа (која ја сакате, сами сте сте ја избрале и порано сте уживале во неа, а сега сте презаситени) ви создава физичка мачнина.

Пренатрупани сте со работа. Претераната оптовареност со работа не дозволува телото и умот да се одморат и да ја обноват физичката и менталната енергија. На тој начин се намалува имуниот систем, се нарушува спиењето, се акумулира стрес. Физичката исцрпеност доведува до ментална и емоционална исцрпеност.

Станувате цинични. Ви се чини дека сè е бесмислено и безначајно. Мотивацијата, постигнувањата, личната амбиција, гордоста, верувањето во вашата професија, сето она што порано ве водело и ве мотивирало сега ви изгледа бесцелно и бескорисно.

Работите работа која емоционално ве исцрпува. Ако не наоѓате друг начин да го ублажите стресот од преголемите емоционални вложувања на работното место, ризикувате нарушување на работата на надбубрежната жлезда што може да предизвика тежок замор и недоволно создавање на одбранбени хемиски материи кои управуваат со стресот.

Отсуство на позитивни емоции. Мозокот кој работи под хроничен стрес ги забележува само презирот, заканата, проблемот. Ако порано сте уживале во активности надвор од работното место, сега тие ви изгледаат безначајни.

Имате катастрофични мисли. Прегореноста може да доведе до очајничко размислување. Сè ви изгледа мрачно, немате ниту желба ниту сила да вложите напор за да ја смените ситуацијата. Замислувате црни сценарија дека не можете повеќе да одите на работа, дека нема да успеете да сработите ништо како што треба и дека воопшто и нема потреба да се трудите.

Ви недостасува поддршка и признание од другите. Кога се вложувате прекумерно физички и емоционално во нешто, а имате чувство дека тоа никој не го забележува и цени, чувствувате само презир и исцрпеност. Се дистанцирате од другите и на тој начин ја губите социјалната поддршка и се чувствувате неадекватно.

Останати симптоми на синдромот на прегореност се:

  • Не можете да се концентрирате
  • Имате општ негативен став и песимистички мисли
  • Имате чувство дека тапкате во место
  • Имате чувство дека никогаш не правите доволно
  • Го запоставувате сопственото здравје (недоволно спиете, не вежбате, не се храните здраво)
  • Ги заспоставувате сопствените потреби (и потребите не другите ги ставате пред своите)
  • Често се досадувате
  • Нервозни сте и раздразливи
  • Имате чувство на неефикасност
  • Се дистанцирате од семејството и блиските
  • Постојано сте исцрпени
  • Често настинувате и се разболувате
  • Губите интерес за дружење со пријателите
  • Чувствувате апатија кон вашата работа и работните задачи
  •  Ги негирате сите горе наведени симптоми

Прегореноста може да се случи во било која професија. Ако чувствувате некои од симптомите за кои е погоре пишувано, направете промени во вашиот живот. Ако ве исцрпува работата, сменете нешто на работното место доколку е тоа возможно, а ако не е тогаш сменете го работното место. Запознајте нови луѓе, дружете се, хранете се здраво, почнете да вежбате, создајте нови корисни навики, направете свесен напор за да го реализирате сето тоа. Доколку ништо не помогне и вие и понатаму се чувствувате безволно и истоштено, побарајте професионална помош. Синдромот на прегореност успешно се лекува со помош на психотерапија.

Забрането е копирање на текстот!