Сакате ли да озборувате?

Students gossip on a lesson

Озборувањето е разговор во кој се разменуваат навредливи и понижувачки информации за други луѓе. При тоа може да се изневери нечија доверба, да се раскажуваат туѓи тајни, да се шират чувствителни информации за други или дa се суди за другите на навредлив начин.

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои највеќе озборуваат имаат највисоки нивоа на анксиозност и не се многу популарни затоа што не може да им се верува. Ширењето на приватни информации и негативни судови за други може да ги повреди озборуваните и штетно да се одрази на озборувачот.

Зошто луѓето озборуваат?

  • За да се чувствуваат супериорно. Луѓето кои не се чувствуваат добро во својата кожа, кога озборуваат привремено се чувствуваат подобро.
  • Од досада. Кога луѓето не можат да најдат друга тема за разговор или да зборуваат за нешто базирано на знаење или на идеи, озборувањето на другите може да го привлече вниманието на соговорниците.
  • Заради завист. Луѓето озборуваат за да ги повредат оние на чија популарност, талент или животен стил им завидуваат.
  • За да се чувствуваат како дел од групата. Луѓето озборуваат за да почувствуваат припадност кон групата. Но, во тој случај припадноста се базира на споделување на нечија тајна и на малициозни коментари наместо на заедничките интереси и личниот идентитет.
  • Заради внимание. Личноста станува центар на внимание во моментот додека споделува некаква сплетка. Сепак, таквото внимание е како купено, трае кратко и нема длабока основа.
  • Заради лутина или страдање. Личноста може да добие чувство на одмазда и казнување ширејќи понижувачки забелешки за другите.

Дали е секогаш погрешно да се зборува за другите луѓе?

Повеќето луѓе имаат природна љубопитност за тоа што се случува во животот на останатите членови на заедницата. Некои од најубавите книги се биографии кои нè запознаваат со животните стории на другите луѓе. Меѓутоа, овие стории му даваат на читачот увид во нијансите и комплексноста на нечиј карактер преку факти. Не се засновани на еднострани омаловажувачки судови за личноста.

Клучно е да ја разбереме намерата зад дискутирањето за другите луѓе и нивните врски. Дали намерата е да ја разбереме човечката природа и да го подобриме квалитетот на животот? Или за привремено да се чувствуваме подобро и да добиеме внимание ширејќи навредливи забелешки за другите?

Ако не сакате да бидете дел од нечие озборување, можете да ја смените темата на разговор или на соговорникот да му дадете до знаење дека не ве интересира туѓиот живот туку неговите лични случувања.

Don`t copy text!