На Марс се откриени големи количини на метан, што би можело да значи присуство на живот на планетата.
Ова е откритие на роверот на НАСА Кјуриосити, за време на мерењата на атмосферата направени минатата среда. Метанот обично е производ на живите суштества на Земјата, па се претпоставува дека ова може да биде знак за присуство на живот на Црвената Планета.
Ова неочекувано откритие влијаеше научниците да ја променат динамиката на работа на самиот ровер, кој сега ќе биде фокусиран на истражување на ова подрачје. Експертите на НАСА се исклучително возбудени заради откритието и се надеваат дека ќе пронајдат микроби кои се преселиле под земја во периодот кога Марс бил – како што се верува – потопол и повлажен и имал подобро опкружување за живот, пред 4 милијарди години.
Сега роверот ќе трага по докази за живот на Марс. Научниците истакнуваат дека метанот е ослободен неодамна, додека пак според написи на “Њујорк тајмс” постои можност метанот да е насобран под површината на Црвената Планета многу одамна и сега полека протекува низ дупки на површината.
Метанот на Марс е откриен уште пред 15 години, кога истражувања вршела Европската вселенска агенција, но тогаш се верувало дека станува збор за грешни отчитувања на опремата која била пред крај со напојување со енергија.
Според последните отчитувања, количината на метан е трипати зголемена, а се чекаат најновите резултати на испитувањата кои ги врши Кјуриосити овој викенд.