Станува збор за кратко рекламно видео насловено “Love is a gift” чиј автор е Phil Beastall, и чинело само 50 фунти.
Видеото првично е објавено во 2014 година од авторот, откако од трговскиот ланец John Lewis соопштија дека за овогодишната божиќна реклама ќе го објават рекламното видео “Boy and the piano” во кое ќе се појави Elton John и ќе потрошат огромна сума на пари.
Phil Beastall како пример го реобјавил повторно неговото старо рекламно видео како доказ дека за мала сума може да се добие квалитетно видео и тоа за кратко време станало вирално.
Приказната во видеото на Phil Beastall е срцепарателна: мажот во видеото се подготвува за Божиќ, ја кити елката, ги пречкртува поминатите денови сè до денот кога доаѓа празникот.
На тој ден секоја година отвора кутија со аудио касети кои ги преслушува на стар вокмен. На касетите се наоѓаат пораки што неговата мајка му ги праќала секоја година за Божиќ, сè до последната касета насловена 2014, последната која ја снимила, годината кога починала.
Видеото се завршува со прекрасна порака “Љубовта е подарок кој трае засекогаш. Среќен Божиќ”.