Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

Пушењето во бременоста двојно го зголемува ризикот од смрт за бебето

  •  
  •  

 

Пушење на само една цигара дневно за време на бременоста, може двојно да го зголеми ризикот од ненадејна смрт на бебето, се тврди во студија која анализирала повеќе од 20 милиони раѓања, вклучувајќи и податоци за 19 000 бебиња кои починале ненадејно.

Студијата објавена во списанието Pediatrics, која анализирала податоци за пушењето за време на бременоста од американските центри за контрола на болести и превенција на бебешка смрт помеѓу 2007 и 2011 година, утврдила дека ризикот од смрт се зголемува за 0,07 % со секоја додатна цигара.

Во моментот кога ќе испушите цела кутија цигари, ризикот од ненадејна смрт на бебето се зголемува за три пати повеќе во споредба со бебињата на трудниците кои не пушат.

“Еден од најважните и најсилните резултати кои би ги издвоил од истражувањето е дека дури и пушењето на една или две цигари влијае на ненадејна смрт на децата”, изјави за CNN пулмологот Седрик Ратланд од Американската белодробна асоцијација, кој учествувал во истражувањето.

Главната авторка Татјана Андерсон, невронаучник од Детскиот истражувачки институт во Сиетл, вели дека секоја цигара се брои. Според неа, лекарите треба да зборуваат со своите пациенти и да им кажат дека мора да престанат да пушат затоа што така ќе ги намалат ризиците од изненадна смрт кај своето бебе. Дури и ако не можат веднаш да престанат, секоја цигара што нема да ја испушат во текот на денот ќе биде од помош.

Истражувањето покажало директна врска помеѓу пушењето на мајката и синдромот на изненадна смрт кај бебето. Според Американскиот колеџ за гинекологија и акушерство, 23 % до 34 % на изненадна смрт кај бебињата и 5 % – 7 % на предвремени породувања кои завршиле со смрт се припишуваат на пушењето на трудниците.

Децата на пушачите имаат повисок ризик за развој на астма, грчеви во стомакот и дебелина во детството, а пасивното пушење за време на бременоста може да ја намали родилнатга тежина на бебето за 20 %.

И покрај значајното намалување на стапката на пушачи во САД, статистиката покажува дека околу 338 000 жени годишно изјавуваат дека пушат за време на целата бременост. 55 % од нив изјавиле дека не сакаат или не можат да престанат со пушење.

Според проценките на истражувањето, доколку трудниците не пушат за време на бременоста, тоа би можело да го спаси животот на околу 800 бебиња годишно.

Ако жената пуши 3 месеци пред да забремени и продолжи да пуши во првиот триместар од бременоста, тоа го зголемува ризикот од изненадна смрт на бебето за 50 %. Според авторката на истражувањето, жените треба сериозно да ја сфатат оваа порака и ако планираат бременост да престанат со пушење најмалку 3 месеци пред воопшто да почнат со обиди за забременување.