Убавина

Природни препарати за потемнување на кожата кои можете да ги направите сами

 

Може да имате исончан тен и без да се изложувате со часови на сонце – направете дома “крема” за самопотемнување која нема да содржи хемикалии како купечките производи.

Има неколку начини на кои можете сами да направите креми и препарати за самопотемнување. Краткотрајни се и имаат свои недостатоци, но се ефикасни ако сакате малку потемна боја на кожата, а не сакате да се “кварцате” во солариум и немате можност да одите на плажа.

Постепеното изложување на сонце е секогаш најдобра опција, но постои и друг начин ако имате желба и волја да експериментирате.

Чаеви

За да ја потемните кожата со помош на чај, потребна ви е вода и повеќе вреќички од некој темен чај, на пример црниот. Ставете две вреќички чај во четири чаши зовриена вода и оставете го да кисне 30 минути. Ако сакате потемен тен, направете појак чај со повеќе вреќички. По половина час извадете ги вреќичките и оставете го чајот да се олади. Сипете го чајот во шишенце со распрскувач и во када или туш-кабина нанесете го на чиста кожа на која претходно сте ѝ направиле пилинг.

Почекајте чајот целосно да се исуши пред да се облечете. Во повеќето случаи, бојата се вади на следното туширање.

Може да направите и купка од црн чај: ставете 25 вреќички чај во када со топла вода и накиснувајте се во неа околу половина час. Некои од оние кои го пробале ова, велат дека ваквиот начин на самопотемнување е делотворен и подолго трае. Колку почесто ја правите оваа купка, толку повеќе ќе потемни вашата кожа. Само, не заборавајте по секое капење да ја исчистите кадата, за да не останат флеки од чајот.

Какао

Потемен тен може да добиете и ако помешате 100-процентно чисто какао во прав со вашиот лосион за тело, во однос 1:4. Смесата со кружни движења нанесете ја подеднакво на кожата. Многу е важно претходно кожата добро да ја исчистите и да направите пилинг.

Овој начин не е баш најдобар, но некои девојки тврдат дека е добро решение кога ви треба “брз” тен. Оваа боја е пократкотрајна отколку кога се применува купката со чај.

Моркови

Овој препарат има малку портокалова нијанса, но ако не ви пречи тоа, направете го и испробајте го.

Потребни ви се три литри вода, еден килограм моркови (нелупени) и две чаши кафеав шеќер. За понегувана кожа може да додадете осум капки масло со витамин Е и половина чаша алое вера гел. Во зовриена вода на средна температура ставете ги морковите измиени и исечкани на тркалца и шеќерот. Оставете ги да крчкаат три часа, па оставете ја смесата да се олади. Потоа процедете ја течноста, додајте витамин Е и алое вера гел, измешајте, и сипете ја мешавината во шишенце со спреј. Нанесувајте ја на кожата со лесно втривање со кружни движења.

Оваа боја е подолготрајна, но се советува на секое туширање и пред секое следно нанесување на овој “чај од моркови” да направите пилинг. Препорачливо е и редовно на кожата да нанесувате хидратантен лосион.

 

Слични написи

Тајните на добрата маскара

Biba

Францускиот бренд Morreale креира парфеми вредни од 1,5 до 20 милиони долари

Biba

Ефектот на кафето во убавината

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.