Маските за лице можат да се купат во сите поголеми супермаркети и парфимерии и на нив да се потрошат многу пари, но можете и сами да ги направите дома и не само да заштедите, туку и да го негувате лицето со природни состојки без користење на штетни хемикалии.
Седум природни маски за лице
Банана. Ова е едно од најхранливите овошја, затоа што содржи големи количини на магнезиум, цинк, железо, јод, калиум и витамини А, Б, Е и Ф. Сето наведено влијае многу благотворно на кожата. Испасирајте една банана, нанесете ја на лицето како маска, оставете ја да делува 30 минути и потоа исплакнете ја со млака вода.
Белка од јајце. Протеините од белката се сушат на површината на кожата и со тоа постигнуваат ефект на затегнување. Изматете ја белката да стане пенеста и нанесете ја на лицето. Почекајте целосно да се исуши и потоа исплакнете го лицето со топла вода.
Грозје. Содржи моќни антиоксиданти наречени полифеноли, кои го успоруваат стареењето на кожата. Исечете на половина едно зрно грозје и со него истријте ја кожата на лицето. Оставете да се исуши и потоа исплакнете го со млака вода.
Јогурт. Содржи алфа-хидроксилни киселини и млечни киселини, кои најчесто се користат во производите за намалување на брчките. Освен тоа, богат е со витамини од Б комплексот, особено со Б5 или пантотенска киселина, која се користи за обновување на кожата. Лицето и вратот намачкајте ги со јогурт и по 15-20 минути исплакнете ги.
Маслиново масло. Одличен извор на сквален кој е природен навлажнувач и продира до најдлабоките слоеви на кожата. Содржи природни антиоксиданти (витамини А и Е), како и некои полифеноли. Нанесете малку маслиново масло на усните и на лицето навечер пред спиење и наутро исплакнете го.
Мед. Има својство да ја привлекува и задржува влагата во кожата и затоа е одличен за негување на сувата кожа. Лицето навлажнете го со крпа со топла вода за да се отворат порите. Намачкајте го со мед и оставете го да делува 15-30 минути. Потоа исплакнете го со топла вода и со тапкање избришете го лицето со пешкир натопен во ладна вода за да се затворат порите.
Жолчка од јајце. Полна е со витамин А кој е клучна состојка во производите против акни. Намачкајте ги лицето и вратот со жолчка, оставете ја да делува половина час и потоа исплакнете ја кожата со ладна вода.