Оливија Њутн-Џон, австралиската ѕвезда која постигна легендарен успех и слава во култниот мјузикл „Брилијантин“, почина на 73-годишна возраст. Тажната вест ја потврди и нејзиниот сопруг.
Вдовецот на Оливија Њутн-Џон, Џон Истерлинг, даде изјава на социјалните мрежи.
„Оливија утрово почина мирно во својот дом во Јужна Калифорнија, опкружена со семејството и пријателите. Бараме сите да ја почитуваат приватноста на семејството во овој многу тежок момент. Таа беше симбол на триумфот и надежта, споделувајќи го своето патување со ракот“, истакна нејзиниот сопруг.
Тој додаде дека „нејзината инспирација во исцелување и пионерско искуство со хербалната медицина продолжува со Фондацијата Оливија Њутн-Џон, посветена на истражување на хербални лекови и рак“.
Во 2017 година, Њутн-Џон откри дека ракот на дојката од кој прв пат страдала во 1992 година се вратил и се проширил на нејзиниот ‘рбет. Таа, исто така, откри дека имала втора дијагноза на рак во 2013 година, кога решила да го држи подалеку од очите на јавноста.
Оливија верувала дека ќе ја победи болеста, а иако водела тешка битка речиси 30 години, тоа ретко се забележуваше на неа. Таа никогаш не ја симнуваше насмевката од лицето, а редовните активности, како што се часовите по танц на кои одеше со нејзината ќерка, ѝ помогнаа да остане во одлична форма.
Родена е во Кембриџ, Англија во 1948 година, а кога имала шест години емигрирала со семејството во Мелбурн, Австралија. Во 70-тите и 80-тите години на минатиот век таа важеше за секс-симбол, а во култниот „Брилијантин“ глумеше покрај Џон Траволта, олицетворувајќи го ликот на Сенди Олсон, по што уживаше светска слава.
Траволта простувајќи се од почитуваната колешка на социјалните мрежи, покрај нејзината фотографија напиша: „Најдрага моја Оливија, ти ги направи сите наши животи многу подобри. Твоето влијание беше неверојатно. Те сакам многу. Ќе се видиме на патот каде што повторно ќе бидеме заедно. Твој од првиот момент кога те видов и засекогаш! Твојот Дени, твојот Џон“.
Актерката се прослави и по својот безвременски хит „Physical“ од 1981 година, кој три децении подоцна беше прогласен за најатрактивна песна на сите времиња од страна на магазинот „Билборд“, со истиот спот.
Покрај кариерата која вклучуваше освојување на четири Греми награди и продажба на повеќе од 100 милиони плочи, Оливија ќе остане запаметена и како активистка. Во 2012 година, таа за Опсервер раскажа како гледа на нејзината болест. „Ракот ме просветли. Кога си болен, не е важно дали ги имаш сите пари на светот, не е важно. Се чувствувам многу благословена што ми се укажа можност да живеам“, рече таа тогаш.
Њутн-Џон зад себе ги остави сопругот Џон Истерлинг и ќерката Клои Роуз Латанзи.